Двојазичност и во супермаркет – нова обврска за производителите и трговците

Производителите и трговците во трка со времето за да ги променат декларациите на стоките. Не само продавниците и маркетите во Скопје, Тетово и Гостивар, туку и оние во Пехчево, Валандово и Виница треба да ги обележат производите не само на македонски, туку и на албански јазик. Хаос предизвика одредбата во член 37 од Законот за заштита на потрошувачи. Долга е листата на документи кои треба да претрпат корекција –разни декларации, сертификати, гарантни листови, технички упатства, упатства за склопување, составување и монтажа, упатства за користење, листа на овластени сервиси и слично. Засега само мал дел од стоките имаат декларации и на албански јазик, најчесто оние од увоз од Косово и Албанија. Некои производители и трговци се жалат дека во 5 до 12 дознале за новата обврска која за нив ќе значи зголемени трошоци за промена на обележувањето и амбалажата. Не знаат ниту што ќе прават со производите кои се веќе во продажба или во магацин на залиха со веќе готови, но стари етикети и декларации.

„Најпогодени ќе бидат малите производства кои што најверојатно мора да инвестираат во купување на дополнителна опрема за печатење на поголеми декларации и евентуално промена на самиот начин на пакување на производот, па затоа сметам дека тоа би било голем терет и трошок за малите производства. Самата информираност за стапување на сила на законот е мала, додека казните се големи, затоа апелирам за поголема информираност за да може да почнат производителите да постапуваат по него“ – вели Марина Манева, сопственик на млекарница.

Од Државниот пазарен инспекторат смируваат. Засега само ги информираат трговците дека треба да ги променат декларациите. Затекнатите производи нема да се враќаат назад за да им се залепат нови етикети, туку ќе можат да се продаваат. Пазарниот инспекторат ќе искомуницира со надлежните институции и засеганатите страни околу тоа дали ќе има рокови до кога промените ќе треба да се направат..

„Тие треба да имаат период на усогласување затоа што овие затекнати производи не можат да се отвораат и повторно да се печатат. Невозможно е тоа да се спроведува во моментов, особено кај прехранбените производи. Треба и производителите и увозниците да се усогласат. Навистина за тоа треба време. Ќе се консултираме со министерството за економија за да видиме кога ќе биде можно ова да биде усогласено. Ова е обемна работа што треба да се заврши кај сите“ – велат од Пазарен инспекторат.

За оние кои нема да ја почитуваат двојазичноста во делот на обележувањето на производите, предвидена е прекршочна санкција забрана на вршење на професија, дејност или должност во траење од 15 до 30 дена.

Тања Попова

Advertisements