Двотретинското мнозинтсво за уставните измени и натаму виси

Осуммината пратеници од т.н. независна пратеничка група не демантираат дека виси двотретинското мнозинство после притворите за неколку функционери изминатите десеттина дена. За Алфа брифираат оти пред среда кога ќе се одржи состанокот на координативното тело за помирување, нема децидно да излезат со став дали мнозинството останува или процесот на уставни измени ќе ја изгуби нивната поддршка.
Основното барање што ќе го стават на маса е амнестија за сите инволвирани во настаните од 27 април, со исклучок на оние кои директно вршеле насилство. Ова за нив не било селективна правда, оти директното насилство не смеело и не можело да се амнестира. Кој треба да се амнестира ќе стои во предлог законот што тие ќе го достават од среда.
А како ќе се изведе амнестирањето нашите извори велат не било собраниска работа, ами на правосудниот систем. Логички и законски тоа е можно само ако делото тероризам, за кое се обвинети се преиначи во друго дело.
Денеска пратеникот на СДСМ Костадинов нагласи дека амнестија за нарачателите и извршителите на насилствата нема да има.
Во основа 27 април сеуште не расчистен во смисла на тоа кој е нарачателот, оттука останува нејасно се околу настаните тој ден.
Во процесот на политичко пазарење околу амнестијата прашањето што тука се поставува е дали ова не значи директно влијание односно мешање на извршната во судската власт, ако се знае дека евентуалната преквалификација на делото ќе се прави истовремено со актуелните случувања во Собрание од кои зависи имплементацијата на преспанската спогодба?

Искра Коровешовска