Две несреќи во 5 месеци: ЕУ ги приземји авионите Боинг 737 Макс

ЕУ соопшти дека го затвора Европското небо за авионите од типот Боинг 737 Макс после две трагични катастрофи со вакви модели во период од 5 месеци. Овој потег на ЕУ дојде неколку часа откако Франција, Германија и други поголеми земји соопштија дека го затвораат својот воздушен простор за ваквите авиони.

Европската агенција за безбедност во авио-сообраќајот (ЕАСА) испрати директива да се „суспендираат сите авио операции“ за моделите Боинг 737 Макс, после трагедијата во Етиопија во неделата, која се случи неколку месеци после авионската несреќа во Индонезија.

ЕАСА соопшти дека ги суспендира сите летови на Боинг 737-8 Макс и Боинг 737-9 Макс во Европа. Од Агенцијата додаваат дека иако се уште се истражуваат причините за несреќата во Индонезија, не може да се исклучи дека слични причини придонеле и за несреќата во Етиопија.
„Според достапните информации, ЕАСА смета дека се неопходни дополнителни мерки за да се осигура безбедноста на двата модели“, додаваат од агенцијата.

Барање за затворање на американскиот воздушен простор за ваквите авиони пратија и неколку американски сенатори. Претходно истото го сторија и Индија и Кина.

Од компанијата Боинг соопштија дека имаат „целосна доверба во безбедноста на „Макс“ моделите“, искажувајќи разбирање за одлуките на регулаторните агенции и патниците кои донеле одлуки согласно нивните чувства во дадениот момент.