Две метли ќе го чистат кабинетот на Заев

Метлата на Заев нема да може да игра во дворот на Ахмети, премиерот нема да кажувал дали и кој треба да биде сметен во владата. Ова е позицијата на албанскиот коалициониот партнер пренесена вчера, преку министерот за животна средина, Садула Дураку за еден од медиумите на албански јазик.
-Ние како ДУИ сме коалициски партнер со СДСМ, и ние не сме во заеднички чадор со СДСМ. Имаме наше раководство и лидер на партијата, Али Ахмети. Тој заедно со централното претседателство и генералното претседателство одлучува за сопствениот кадар. Никогаш ДУИ не дозволил некој да се меша во внатрешните работи на ДУИ, но и коректно е дека ние не сме се мешале во другите партии , изјави Садула Дураку, министер и потпретседател на ДУИ, за ТВ 21.
Истата порака стигна и од министерот за економија Бектеши, за чија вработена сестра антикорупциска ја чешлаше процедурата.
И сега што? Пораката која Заев пред вториот круг тврдеше дека ја примил од разочараниот електорат – па на секој митинг ветуваше дека чистка ќе има веднаш, изгледа нема да може авторитетно да ја спроведе. Но, во моментот не е ниту достапен за коментар оти премиерот решил да се одмори. Метлата, по се изгледа, не е приоритет за Заев. Ќе одмора 4 дена а потоа ќе се знае дали метлата ќе дојде на ред. Каде ќе ги мине деновите од одморот за сега не се открива.
Во меѓувреме за метлата на Заев објаснуваат градоначалниците. На пример, Шилегов. Тој вели дека после инаугурацијата на Пендаровски, од понеделник ќе се размислувало.
-Ќе седнеме во периодот што следува, да помине инаугурацијата на новоизбраниот претседател Стево Пендаровски и формално да бидат завршени изборите, ќе ги направиме сите потребни анализи, а потоа ќе бидат донесени сите соодветни политички одлуки, изјави Шилегов.
Во меѓувреме, шпекулациите се дека реконструкцијата во Владата, Ахмети и Заев ќе ја дискутираат дури на крајот на следната недела. За сега испразнето е само раководното место во министерство за култура, и тоа заради личен избор и оставка на Асаф Адеми.
Искра Коровешовска