Две години по поплавите во скопско – мештаните бараат државата да не ги заборави

Страв од повторно соочување со судбината, среќни што се живи но и револт што државата ги заборави – измешани чувства на мештаните од под Скопска Црна Гора потсетувајќи се на водената стихија од кобниот 6-ти август 2016-та и 22-те невини жртви. Животот во Стајковци, Сингелиќ, Црешово, Смилковци тече нормално, но само навидум. Секој се снашол како знае и умее. Помошта ја имало само во првата година по катаклизмичното невреме, сега бараат и актуелната власт да помогне, бидејќи обештетувањето не било целосно исплатено.

Алфа во најпогоденото Стајковци. Се вративме на истото место од пред две години, поплавената улица 18, прва на удар на водената стихија. И денеска по две години од поплавите свежи се сеќавањата за борбата со водата која за само два часа го поплави секој дом, однесе човечки животи и зави во црно дваесетина семејства човечки животи и зави во црно двесетина семејства и донесе стотина автомобили од скопската обиколница.

Со солзи во очите се присетуваат на страшните и потресни слики. Секој нов дожд во Стајковци носи нов страв од повторни поплави. Локалците велат траумите од 2016-та уште болат, па сега со кабаници и лопати излегуваат на улицата на секој дожд плашејќи се да не им се повтори 6-ти август.

Онаа старата гласи луѓето во лошо се познаваат…Тешките моменти ги избришаа верските, партиските, старосните разлики , единствено човечноста и хуманоста ги сплоти граѓаните од целата држава во селата под Скопската црна гора. Од утро до мрак полицијата и армијата со пумпи и механизација ги спасуваа домовите на настраданите.

Секое семејство секој дом ја има својата приказна. Вистинска драма се одвиваше на автопатот кога луѓе од автомобилите во обид да се спасат излегуваа надвор но водата ги носеше до куќите во селото. По поплавите во далечната 1962 и разорниот земјотрес кобната ’63-та, Скопје долго ќе ја памети годината што измина. По 50 години, природата повторно си поигра со главниот град, па му зададе нови удари.

Ивана Соколовиќ Најдова