Дафина Стојаноска: Владата на Заев не е никаков нов почеток, туку продолжување на спрегата на стари истрошени кадри
Владата која ја предлага Зоран Заев не е никаков нов почеток, туку продолжување на спрегата на стари истрошени и транзициски кадри, криминалот и корупцијата. Коалицијата за криминал и тендери не може да донесе реформи, ниту пак свежина. Коалицијата за криминал и тендери ќе донесе поделби, стагнација, неспособност и афери, изјави на прес конференција членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Дафина Стојаноска која додаде:
„Уште незапочнатата и неизгласана, новата влада ја тресат афери како Еуростандард, тешка 200 милиони евра, Ковид криза која одзема секојдневно животи, и дупка во буџетот, од нова една милијарда евра потрошена на поткуп. Ќе имаме влада која на само неколку дена пред почеток на училишната година нема никаков план ниту програма. Имаме влада и предлог за премиер кој денес гледаме дека заборави на реалните проблеми, а говори општи флоскули и фрази за почвата, воздухот и водата. Заборави на сите негови ветувања. Составот на предлог владата гарантира дека следува период каде ќе се повторат рекетите, роднинските тендери, и заштитата на криминалците. Зоран Заев не може да испорача ниту еден случај на спроведување на правдата, а изговорите ќе ги бара во судството и обвинителството кое тој ги владее. Што однесува до економијата следува најцрниот период за стопанството и оправдувањето неосновано ќе го бара во својот коалиционен партнер кој ќе ги владее ресорите кои нема да работат ништо. Впрочем ќе бидеме некој нов јули каде ќе каже оправдување дека пет пари не вреди ДУИ додека граѓаните ќе тонат во сиромаштија.“
-Нема простор за оптимизам. Граѓаните не добиваат нова влада туку добија повторување на старите и истрошени кадри, кои се компромитирани со афери и криминали. Добија влада која веќе меѓународните институции ја прогласија за најкорумпирана во Европа. Го добија Оливер Спасовски кој не реши ниту едно убиство, Радмила Шекеринска која е транзициски кадар со еден тон афери зад себе. Никола Димитров кој си делеше стипендии за своите деца, советникот за неправда Маричиќ кој стана министер за правда со цело едно дрво непотизам во судско обвинителската сфера, Венко Филипче кој најкатастрофално се справи со Ковидот во Европа повторно станува министер, Љупчо Николовски кој правеше најголеми криминали сега ќе се бори против корупцијата. Ова е влада за криминал и економско фијаско, посочи Стојаноски и потенцираше:
„Што се однесува до предлогот за потпретседатели на Собранието, на површина излегува лукративноста и пазарџискиот менталитет на Зоран Заев. Во исто време кога се фали дека се кратат министерства треба да каже дека се трошат пари за нови тела и секретаријати преку кој ќе продолжат да функционираат тие министерства и се воведуваат 5 потпретседателски места во Собранието кои ќе ги трошат народните пари додека народот осиромашува. ВМРО-ДПМНЕ нема да го легитимира нечесниот предлог на Заев кој е само за коалиција, трговија и пазарџиство и од тука нема да го прифати неговиот предлог. Парите треба да се трошат за народот, а не за трговија на Заев. Воедно ВМРО-ДПМНЕ го осудува недозволивото кршење на Деловникот на Собранието од страна на пратениците на СДСМ и коалицијата при постапката за избор на нови пратеници.“
Според Стојаноска новоизбраните пратеници се нелегално и нелегитимно одбрани со кршење на Деловник.
„Неделовнички е изборот на новите пратеници. Затоа ние ќе поднесеме тужба до управниот суд на државата.Верификационата комисија постои исклучиво само за време на конститутивната седница согласно член 12 од Деловникот на Собранието. За верификација на мандати на остатокот на мандатите во Деловникот треба да се чита членот 17 кој што вели: Верификација на мандатот на пратеници кои станале пратеници од листа на кандидати за остатокот од мандатот, Собранието ја врши на првата наредна седница врз основа на извештајот од Државната изборна комисија како предлог од Комисијата за деловнички и мандатно имунитетни прашања. Што значи, мандатот е завршен и со тоа надлежностите на верификационата комисија се исцрпени.“