Датум во октомври – прашање за милион долари

Последните случувања и обидот на власта да се прикрие оти зад двајцата обвинети во случајот „Рекет“ стои политика, не ни прави услуга во однос на претстојната одлука за добивање на датумот за преговори. Дури, вели новинарот Предраг Димитровски, неодамна Брисел изврши притисок, да не се прави селекција во истрагата.

-Забележлив е обидот на власта да даде само насоки околу целиот случај „Рекет“ на двајца поединци, да се изземе специјалната јавна обвинителка и тоа што, зад двајцата обвинети стои политика. Во понеделникот попладне извршен е уште еден притисок врз власта да не прави селекција во целиот случај и да бидат опфатени и лица што припаѓаат на одредени политички структури, вели Димитровски.

Датумот за преговори на земјава со Европската Унија, повторно „виси“, вели Димитровски, и додава, октомври е пресвртен месец.

-Според последните информации од Брисел и октомври е доведен како датум во прашање. Треба да оставиме и простор на дипломатијата да си ја работи својата работа, вели Димитровски.

Трошановски пак во изјава за Алфа, во однос на тоа што ќе се случи на есен, вели, „дали ќе добиеме датум, па дури и со одложено дејство, е прашање за милион долари“.

-Лично сметам дека Македонија заслужува да добие датумот, а ЕУ мора да ни го додели тој датум, за да не го изгуби кредибилитетот. Ако не добиеме датум, нема да се зборува за намален кредибилитет за ЕУ, туку изгубен, како и за пад на поддршката на Унијата. Дали ќе добиеме датум е прашање за милион доларим, вели Трошановски.

Според него, реформското забавување, не ни оди во прилог, а е клучно, бидејќи е еден од условите на ЕУ, особено делот за владеење на правото.

-Најважно е идниот закон за обвинителство мора да обезбеди институција која што на автономен, независен начин, ќе се занимава со борба против високата корупција, без разлика дали се нарекувала специјално јавно обвинителство или поинаку. Не смееме да го подриваме, уништуваме, или закопаме концептот за независна обвинителна инстируција, вели Трошановски.

Владата летово доби „шлаканица“ преку второто одложување на одлуката, а неуспешниот реформски процес можеби е доволно алиби за ЕУ да ни каже цврсто „НЕ“, иако првично, овој изговор елегантно се ставаше во втор план, зад преспанскиот договор.

Оптимизмот на премиерот Заев кој беше уверен дека летово дефинитивно ќе добиеме „амин“ за преговори, поради испорака на барањата на соседите, како промената на уставното име, како да спласнува, оти според последните изјави, тој е подготвен да разговара за избори, ако не добиеме датум во октомври.

Сања Трајковска Ставров