„Датумот“ на Заев неостварлив- мандатарот ветува завршување на се уште непочнати преговори
Експозето на мандатарот Заев нереално и многу тешко остварливо. Ваков е ставот на експертите. Иако, Македонија се уште го нема ниту добиено датумот за старт на преговори со Европската унија, Заев веќе ветува и кога би бил затворен преговарачкиот процес.
-Се обврзуваме за следните четири години да отвориме 80 отсто од преговарачките поглавја, а за шест години целосно да ги затвориме преговорите, изјави Заев.
Ваквото ветување е далеку од реалност, смета поранешниот амбасадор на Македонија во Обединетото Кралство, Јован Донев. Според него државата се уште не е доволно кадарна за водењето на преговорите со Европската унија, па не може во моментов да се размислува за крај на преговарачкиот процес.
-Проблемот во Македонија е многу покомплексен. Не можеме ние во нашите проценки да се водиме од состојбите во другите држави. Два главни проблема има Македонија во овој момент, едниот е немање на човечки ресурси доволно за да може да се водат преговорите, она што е уште поважно да се имплементираат тие мерки, изјави Донев.
Донев вели Македонија ќе заглавува во секое од поглавјата во преговорите, пред се поради состојбите во македонското општество. Тој вели долго време ќе треба да се сузбие корумпираноста во сите нивоа во државата, што е клучно за Европската унија да реши да прими нова членка.
-Членството во Европската унија е членство во клуб на исти вредности. За жал состојбата во македонското општество, односно споделувањето на европските вредности е далеку од европските вредности е далеку од Европска унија. Ако вие имате ситуација дека имате корумпираност на сите можни нивоа и дека луѓето веќе тоа го сметаат за нормално, како ќе имплементирате, зошто не се работи за законите за имплементација на закони, треба законите во пракса да ги преточиме, во секојдневие, изјави Донев.
Според експертите Македонија мора уште многу работи во реформите во сите сегменти, особено во правосудството, кое важи за многу политизирано. Според Донев нашата држава со Европската унија ќе преговара најмалку 10 години, а можеби и многу повеќе.
Матеја Петровски