
Даниловски до здравствените власти:Дали сте,бре, нормални? зошто тактизирате за набавка на „Паксловид“?
Се чека да дојде посилен “Ковид-19” бран па потоа ќе се набавува лекот „Паксловид“. Здравствените власти “мува не ги лази” да го набават лекот кој се дава кај ризични пациенти со лесна и средна клиничка слика во првите 5 дена од почетокот на симптомите.Епидемиолозите алармираат за итна набавка на лекот, за да не снајде црното ковид сценарио од пред две години.Професорот Даниловски прашува кои ќе бидат критериумите за донесување одлука за набавка и зошто се тактизира?
“Министерството за здравство навело дека набавката ќе оди лесно и дека во моментот кога ќе побараат количини од производителот, ќе има доволно на располагање. Дали сте, бре, нормални? Ќе сте набавеле Паксловид ‘во иднина, ако се зголеми бројот на позитивни случаи’? Набавката ќе одела ‘лесно’? Тактизирате, а? Зошто? Сте чуле ли дека со зголемување на бројот на позитивни случаи, пропорционално расте и веројатноста да се зголеми бројот на случаи со тешка клиничка слика кои бараат хоспитализација, како и бројот на умрени?“, прашува Даниловски.
Докторот прашува како ќе го спречиме бројот на хоспиталзиирани и смртни случаи без овој лек и дали некој ке сноси одговорност?
“Кои ќе бидат критериумите за донесување одлука за набавка? Бројот на потврдени случаи на ковид-19? Или бројот на хоспитализирани? Или бројот на смртни случаи? Недела, две, месец, два? Во тоа меѓувреме, колкумина ризични граѓани (ако се заразат) ќе бидат изложени на (избеглив) ризик да завршат во болница? Или на гробишта? Кој ќе сноси одговорност за тоа?“, пишува Даниловски.
Од Комисијата за заразни болести за Алфа велат дека во моментов имало доволно разни лекови за ковид19, па “Паксловид” во моментов не бил потребен.
“Доколку има потреба, може да се активираат механизми за набавка на дополнителни лекови. Апелираме да се вакцинираат ризичните групи на граѓани на возраст над 65 години, како и иние кои имаат хронични болести и нарушен имунитет.” велат за Алфа од Комисијата за заразни болести.
Додека се алармира за набавка на лекот, што може да даде добри резултати кај ковид болните со лесна и средна клиничка слика, матичните доктори велат дека напливот на пациенти добил на интензитет особено во последниот месец.Според нив на време треба да се мисли за она што допрва не чека.