Дали ќе има покачување и за медицинските сестри?

Ќе попушти ли министерот Филипче под притисокот од медицинските сестри? Откако вчера се заканија со протести доколку и тие не добијат покачување, тој уверува дека дека се правеле напори да има повеќе пари за сите здравствени работници.

-Правиме напори да ги обезбедиме сите потребни средтства. Јас верувам дека ќе успееме заради тоа што сите здравствени работници заслужуваат да го добијат тоа. Иницијалниот план беше лекарите – специјалисти да го добијат покажувањето на почетокот на годината, а средниот медицински кадар и останатите вработените во септември, но се работи на тоа сите да го добијат зголемувањето на платите од јануари. Во следните неколку денови ќе излеземе со конкретни информации, изјави Филипче.

Тој посочи дека континуирано се водат разговори со здруженијата, но од Унијата на медицински сестри за Алфа коментираат оти многупати досега добиле уверувања од него дека „работите ќе се средат“, но засега нема решенија за нивните проблеми.

Од Синдикатот на Клинички за Алфа потврдија дека веќе се сретнале со министерот, и добиле позитивни ветувања за покачување на платите за сите работници, како и дека разговорите продолжуваат.

Додека средбите се во тек, неизвесно е дали министерот Филипче ќе си остане на зборот. Од друга страна, медицинските сестри не го менуваат ставот дека ќе протестираат доколку не бидат исполнети нивните барања.

Здравствените работници порачуваат дека состојбите мора значително да се подобрат, во спротивно, планот за намалување на одливот на медицински персонал нема да се оствари.

Сања Трајковска Ставров