Дали постоела средба и договор со ДУИ за политичко редефинирање на државата и исцртување на нови граници?

Дали цената за добивање на гласовите на контото на Пендарвски што Заев треба да ја плати е политичко редефинирање на државата и нови граници? Дали е ова условот што Ахмети му го поставил на Заев меѓу двата претседателски изборни круга кога се договарала поддршката за актуелниот шеф на државата? Последново вчера го обелодени лидерот на ВМРО ДПМНЕ, но се уште нема одговор од премиерот. Оваа информација уследи откако излезе иницијативата од Пендаровски за прекројување на изборните граници во една изборна единица, на која власта инсистира, што според Мицкоски може да е увертира на политичкото прекројување.
-Се погласни се шпекулациите дека помеѓу двата изборни круга има средба која што се случува во Тетово помеѓу Зоран Заев и неколку други лица на која практично се договара поддршката за време на вториот круг и каде што практично треба да дојде до еден вид на политичко редефинирање на Република Македонија, потенцираше Мицкоски.
Во недостиг на одговори од власта, очигледна е реализацијата на т.н. Тиранска платформа односно барањата кои во неа се содржани. Законот за јазиците беше еден од нив. Платформата беше креирана токму во Тирана на покана на албанскиот премиер Еди Рама. Тој во повеќе наврати не скри јавно да признае дека неговата влада имала големо учество во реализацијата на правата на албанската заедница во Македонија-конкретно посочувајќи го законот за двојазичност.
Иако власта, очекувано, не смета дека прави политички пазари со албанскиот партнер, во една прилика тоа сакајќи или не, го призна Пендаровски пред да стане шеф на државата. И тоа конкретно за законот за јазици.
-Што мислите после шарена револуција, отпор против режимот, цел народ се вклучи на улица и маршираше 3 години, дали беше најбитно во политичката агенда да биде Тиранската Платформа? Не, меѓутоа во тој момент тие 10 луѓе од ДУИ правеа влада, и немаше да има влада, или тој закон ќе го имавме таков каков што е несовршен и тој е несовршен, за јазиците, или сега ден денеска ќе ги имавте на власт Груевски и Мијалков, рече Пендаровски, на 6. 10. 2018.
Се шпекулира дека и пописот е дел од агендата на политичко редефинирање, дотолку повеќе што законот за него вчера беше експресно ставен на собраниска комисиска расправа, без забелешки од опозицијата. Па потоа тргнат, откако ВМРО ДПМНЕ се закани дека ќе го бојкотира пописот ако не учествуваат во подготовката на законот.
Искра Коровешовска