Дали пописот ќе биде само за Македонци и Албанци – помалите етнички заедници најавуваат бојкот

Пописот на населението – без графа за етничка и верска припадност – би можел да наиде на сериозен отпор, па дури и да предизвика бојкот од помалите етнички заедници. Тие стравуваат дека на тој начин ќе останат без дел од своите права и порачуваат дека во мултиетничка држава е незамисливо граѓаните од различни етникуми да не можат да го потврдат својот идентитет при пребројувањето на населението, а дека само изјаснувањето на еден од седумте понудени јазици на кои ќе се спроведува пописот не е доволно. На Фејсбук веќе дејствува група „Бојкотирам попис без етничка припадност“, каде на повеќе јазици е напишано дека тој нема да помине доколку не биде овозможено изјаснување за етничката припадност. Од групата тврдат дека за ова прашање постои консензус кај помалите етнички заедници, кои бараат начин да ја заштитат својата посебност која им ја гарантира и Уставот. Претходно од граѓанската иницијатива Коалиција на Египќаните предупредија дека таквиот попис ќе биде „вовед во административно претопување на посебната автохтона етничка заедница Египќани, во Албанци и Роми затоа што главно ги зборуваат овие два јазици“. Ромите и самите се жалат дека тие исто така ќе бидат жртви на асимилација, затоа што многумина од нив го зборуваат турскиот јазик. „Бошњачкиот демократски сојуз“ пак соопшти дека невозможно е пописот да ја оствари својата функција без податокот за етничка припадност. Велат дека нема да се добие реалната слика за демографската состојба во Република Македонија, а етничките заедници не ќе можат да ги остваруваат своите права, особено правото на соодветна правична застапеност во органите на државната власт и другите јавни институции на сите нивоа.

„Само со прашањето за мајчин јазик и јазик кој се зборува при комуницирање не може да се одреди точниот број на одреден етникум ниту пак е доволно релевантно прашање како замена за прашањето за етничката припадност“ – соопштува Сијузот.

Инаку, како што Алфа веќе извести, вчера објавениот Предлог- закон за попис, според експертите има и бројни други недостатоци. Нема дефиниција кои категории граѓани ќе влезат во вкупното население на земјата, личната карта нема да биде задолжителна, ама не е наведено како точно граѓаните ќе се евидентираат. Не е јасно наведено какви податоци ќе се користат од административните збирки, а бројни недоречености има и околу самите попишувачи и начинот на кои тие ќе комуницираат со граѓаните. Конечно според пресметките, пописот ќе чини речиси осум ипол милион евра што е премногу, со оглед дека токму сега би требало да бидат избегнати главните трошоци – за печатење и за обработка на податоците. Дури и самиот факт дека пописот ќе трае три наместо вообичаените две недели е во извесна смисла чуден, бидејќи со електронското пребројување логично е роковите да се скратуваат, а не да се дава дополнителна недела за сумирање на податоците.

 

Драган Милосављевиќ