Дали повторно се разгледува промена на уставот за избор на претседател во Собранието?

Дали се враќа во игра опцијата за промена на Уставот и избор на претседателот на државата во Собрание, ако нема цензус? Според синоќешното интервју на премиерот, тоа му било кажано како единствена солуција од министерката за правда Десковска.

Изборот за претседател во Собрание се зборуваше како опција, интензивно кога на маса беше ставена опозициската понуда за предвремени парламентарни заедно со претседателските избори. Тогаш се шпекулираше дека ако не се случат двата избора заедно, опозицијата ќе бојкотира што значи нема да има цензус. Но, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ги расчисти дилемите и јасно нагласи оти бојкотот не доаѓа предвид.
Зошто сега повторно се проблематизира цензусот и се доведува во прашање ставот на опозицијата по првиот круг, кога Мицкоски и на скопскиот митинг викендот порача оти бојкотирањето никако не е опција?

Изборот на претседател во Собрание, изворно беше идеја на ДУИ. Засилено се анализираше во периодот кога се бркаше двотретинско мнозинство за промена на Уставот. И албанската опозиција до пред одлуката да трчаат со Река беше децидна оти консензуалната смисла на кандидатот единствено била можна ако претседателот се бира во Собрание.

Искра Коровешовска