Дали Македонија полека се претвора во тоталитарна држава?

Доколку режисерот Дарко Митревски се обиде денеска, 10 години по премиерата, да го сними филмот „Трето полувреме“ инспириран од вистинските случки во Македонија за време на Бугарската окупација во Втората Светска Војна, тој веројатно никогаш не би бил ниту снимен, ниту прикажан во кино салите. Цензурата во културата и уметноста е дел од Протоколот со Бугарија, во кој меѓу другото пишува дека се забранува издавање на филмови, песни, книги, ликовни дела кои би можеле да ги навредат чувствата на Бугарите. Филмот е многуемотивен и поучен, но воопшто не е забавен како што сака министерката за култура. Таа се обиде да влијае врз уметниците со порака да творат, но само позитивно за да го расположеле народот, без да ги нервираат Бугарите. Во спротивно нема да видат ниту денар од државните пари.

Се уште не се знае дали цензурата ќе важи само за новите творби или и за старите. Дали на ТВ или радио ќе можат да се слушнат „Бисер Балкански“, „Кога падна на Пирина“, „Ми заплакало селото Ваташа“ и многу други.

Јавноста реагираше и кога на прославата за Илинден, беа изоставени Делчев и фашистичкиот окупатор во песната „Во борба“.

Уметниците бурно реагираа на изјавата на министерката за култура. Режисери, актери, поети го искажаа своето незадоволство по обидот за притисок и насоките кои ги добија од Костадиновска Стојчевска. И порачаа дека уметноста не секогаш е забавна, напротив таа е прва форма на отпор и критика кон општествените случувања.

Тања Попова