Дали избледе владиното ветување за транспарентност и почит кон медиумите?

Големи ветувања за подобрување на условите за работа на новинарите, но сликата во Република Македонија сосем различна. Тоа го покажува и извештајот на ЗНМ за 2018 година, во кој се вели дека посебно во законската медиумска легислатива, не само што нема подобрување, туку има и одредено назадување.

Пред речиси година и половина министерот без ресор во Владата на Заев, Роберт Поповски се пофали дека овој владин состав е прв кој отворено, без предрасуди и комплекси и пристапува на јавноста.

-Речиси и да не помина ден без прес конференција. Понекогаш и по две или три во еден ден. За да ги презентираме владините политики, мерки и акции, да ја понудиме на јавноста нивната оправданост и да побараме оценка и мислење од граѓаните, од вас медиумите, од стручната јавност. Ова е прв владин состав, што на ваков начин, отворено, без предрасуди и комплекси и пристапува на јавноста. За таа цел, беше неопходно да формираме професионален сектор за комуникации, како сервис за граѓаните, за новинарите и медиумите, изјави на 25 септември 2017-та година.

Слично размислуваше министерот Поповски и пред месец и половина.

-Оваа влада слуша критика, ја анализира критиката и ги прилагодува своите политики согласно аргументираните потреби и интереси на граѓаните. Направен е добар прогрес во слободата на изразувањето, особено за подобрување на климата за работа со медиумите и намалување на притисокот врз новинарите, изјави Поповски на 11 декември 2018-та година.

Но, размислувањата и ставовите на Поповски како да се променија вчера. Наместо како што велеше министерот подобрување на климата за работа со медиумите и намалување на притисокот врз новинарите, токму новинарите беа сведоци на етикетирање на медиум, поради прашање поставено од Алфа телевизија кое веројатно не му се допадна.

Наместо конкретен одговор на прашањето „дали финансиите кои ги добија печатените медиуми, може да претставуваат основ за нивно корумпирање“, министерот обвини дека нашата телевизија можеби се уште има влијание од структури од претходната власт.

-Владата не дава пари, ниту ја пропагира својата политика, ниту има намера оваа Влада да помисли нешто да прави. Тоа беше во периодот кога Македонија беше заробена држава. Вие многу добро знаете какво влијание имаше претходната власт и можеби се уште имате влијание од некои структури од претходната власт, изјави Роберт Поповски.

Поповски не е единствениот функционер од владејачката СДСМ, кој ги напаѓа медиумите. Сега премиерот Зоран Заев, во минатото како опозициски лидер си состави список од медиуми непријатели на неговата партија, а меѓу нив беше и Алфа телевизија.

-Во моментот став на СДСМ и мој личен став е дека поголем политички непријател за нас како опозиција се медиумите како што се Сител, Канал 5, Алфа телевизија, Дневник и МРТ. Вие не сте наши политички непријатели, вие сте медиуми кои што меѓудругото се финансирате и дел од пари на граѓаните, изјави Зоран Заев на први декември 2015-та година.

Од функција на премиер Заев можеби не споменува непријателски медиуми, но се потсмева со новинар кој му поставува прашање, бидејќи истото го читал.

-Прочитајте прочитајте, му порача Заев потсмевајќи му се на новинарот.       

Но, не само новинарите нападнат беше и граѓанин кој поставуваше прашање кое најверојатно во референдумската кампања за промената на името, не и се допадна на министерката за одбрана Радмила Шекеринска. Прво на граѓанинот му беше одземен листот кој го имаше во рака, а потоа и исклучен микрофонот.

Инаку, власта само минатата година како поддршка за печатените медиуми дала околу 700.000 евра. Најмногу, односно 238.000 доби Слободен печат, 120.000 Вечер, а 100.000 доби Нова Македонија. Сите други медиуми кои добија државни пари се под оваа граница. 

Матеја Петровски