});

Гувернерката на НБРМ Бежоска за Алфа: Очекувавме заживување но имаме пад на инвестициите

Наместо зголемување, пад на инвестициите. Гувернерoт на НБРМ Анита Ангеловска Бежоска,  во емисијата „Во светот на бизнисот“ на Алфа ТВ рече дека било очекувано заживување на инвестициите во земјава, особено после падот во 2017 година, но тоа не се случи, туку напротив – дојде до нивно намалување. Истакнува дека капиталните инвестиции се тие кои треба да го носат развојот, без разлика дали доаѓаат од државниот или од приватниот сектор. Сепак, ние како земја заостануваме и во двата сектори, а Бежоска причините главно ги лоцира во таканаречените неекономски фактори. На иста линија е и директорката на Про Кредит банка Јованка Јолеска, која во неекономските фактори кои влијаат на падот на инвестициите, освен лошата политичка ситуација, ги спомена и различните проблеми со издавање на дозволи, документи и така натаму. Таа истакна дека Владата треба да има разбирање и слух за проблемите на бизнис заедницата, доколку сака тие да продолжат со инвестирање.

Директорот на Шпаркасе банка Глигор Бишев пак, порачува дека борбата за остварување на поголема стапка на раст не е спринт туку маратон, односно мора системски да се работи за да се оствари стапка на раст поголема од таа на Еврозоната или на соседните земји.

Коментирајќи го фактот дека соседните земји имаат двојно поголем раст на економијата од таа на Македонија, гувернерката Бежоска  вели дека среднорочно и долгорочно само инвестициите  се тие кои можат да овозможат раст, како и дека е потребна финансиска интермедијација, а за такво нешто е потребно и домашно штедење, кое во нашиот случај е едно од пониските на меѓународно ниво. Бежоска порачува дека простор за оптимизам и покрај се – има.

-Капиталните инвестиции имаат ниска реализација, но сепак има заживување во последниот месец од третиот квартал. За четвртиот квартал имаме некои индикации дека ќе има зголемување, односно ревитализација на инвестициониот циклус – рече гувернерот на НБРМ Анита Ангеловска Бежоска.

Нејзините соговорници од банкарскиот сектор сметаат дека извозно ориентираните фирми можат да го понесат растот на македонската економија во наредниот период, пред се поради фактот дека тие имаат притисок континуирано да инвестираат за да останат конкурентни, а и ликвидноста кај нив е на многу повисоко ниво. За да се створи амбиент за зголемување на конкурентноста на македонската економија кон странство потребно е да се вложува во секторот земјоделие, но и во медицина, спа центри, информатика, а главен предизвик ќе биде како да се овозможи добра инфраструктура за овие сектори. Притоа, инфраструктура не се само патиштата, туку и квалитетен кадар, добар патнички, железнички и авио-сообраќај, добар вајерлес систем, добро здравство… Ако сето тоа го овозможиме, велат експертите, може да очекуваме во наредните 10 години да имаме раст од 4 или 5 проценти.

Во врска со банкарскиот систем Бежоска потенцираше дека тој е стабилен според сите параметри, иако се соочуваше со шокови, притисоци, повлекување на депозити, но интервенцијата од Централната банка и однесувањето на останатите банки придонеле состојбата да се стабилизира.

Драган Милосављевиќ