Грчката Влада калкулира – кога би го ратификувале Преспанскиот Договор?

Дел од грчката јавност и поддржувачи на Владата на Ципрас се убедени дека Преспанскиот Договорот ќе биде ратификуван. Останатите пак сметаат дека Ципрас ќе го префрли товарот на наредната влада. На новогодишниот собир во резиденцијата, Ципрас пред новинарите порача дека се ќе се заврши навреме, иако се уште не одлучил дали Преспанскиот договор ќе влезе во парламентот пред март.

Грчкиот премиер сака со апсолутно мнозинство да докаже дека Сириза не е сама во имплементацијата на Преспанскиот договор и ја има поддршката од другите партии. Во овој период се бројат гласови, а помалите партии ретерираат со ставови.

– ПАСОК е против Договорот, Потами ретерира за да го поддржи Договорот. Така што четворица од шестмината пратеници, ќе гласаат ЗА. Исто така и некои независни пратеници ќе гласаат за поддршка. Така што ќе имаме апсолутно мнозинство, тоа значи повеќе од 150 пратеници- 151. Иако не ни е потребно тоа. Нам ни е потребно просто мнозинство од пратениците кои ќе гласаат, вели грчкиот европратеник од СИРИЗА Стелиос Кулоглу

Сириза се надева на поддршка и од пратеници на националистичката партија и коалиционер во Владата – Независни Грци, иако очекувањата за лидерот на оваа партија, министерот за одбрана на Грција, Панос Каменос се или да гласа против или тој ден воопшто да не се појави во Собранието.

За Каменос, Преспанскиот Договор е мртов и изминатите 6 месеци предупредува дека ќе ја напушти Владата на Ципрас кога ќе дојде време.. Ако се остварат заканите на министерот за одбрана ќе има ли предвремени парламентарни избори во Грција?

– Тоа е вистинското прашање. Дали Владата ќе одлучи да оди на избори пред ратификација на Договорот или после негова ратификација. Некои луѓе мислат дека Ципрас ќе го остави случајот на наредната Влада. Наредниот Парламент најверојатно ќе го води опозицијата – Нова демократија, која ќе ја води државата. А ставот на Нова Демократија е против ратификација. Така што Преспанскиот Договор нема да биде ратификуван, вели Ангелос Сиригос универзитетски професор.

Овие денови на брифингот со новинарите Ципрас ја отфрли можноста за парламентарни избори пред ратификација и најави дека наредните избори ќе се одржеле регуларно во октомври 2019 година. Во исто време одговори и дека неговиот коалиционер Каменос веќе донел одлука.

Доколку Панос Каменос навистина се повлече од Владата тоа ќе создаде нова ситуација и Ципрас ќе мора да побара доверба од парламентот. Тоа ќе значи дека Ципрас во парламентот ќе мора да бара ново мнозинство, но и одолговлекување на процесот за ратификација.

Во меѓувреме притисокот од меѓународната заедница од македонско ќе се префрли на грчко тло. Европа повеќе не остава простор за одлагања, а тоа го покажува и најавата за посетата на германската канцеларка Ангела Меркел. Според предвиденото на 10-ти и 11-ти јануари германската канцеларка ќе испрати пораки до грчката политичка елита за поддршка на Преспанскиот договор. Покрај средбите со претседателот и премиерот на Грција, ќе се сретне и со лидерот на грчката опозиција.