Грција презадоволна, Франција и Холандија против – дали Македонија ќе ги почне преговорите со ЕУ

Зелено светло од Грција за европската интеграција на земјава. Франција и Холандија со поинакви пораки – се уште имале отпор за проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан.
Шефот на грчката дипломатијата, Јоргос Катругалос, вели презадоволен бил од спроведувањето на Преспанскиот договор, а земјава покажала политичка храброст на патот кон европските перспективи.

„Сакавме да ја испратиме пораката дека кога една земја се обидува да се усогласи со европското законодавство и ние Европејците треба да реагираме на ист начин и да ѝ го отвориме европскиот пат“, вели тој.

За министерот Димитров, пак интересите на земјава остануваат исти. На работниот појадок во Брисел тој рече дека потребна била трансформативната моќ на ЕУ за создавање на европски, стабилен и просперитетен Балкан.

„Нашата цел е да се трансформираме и да станеме европски во начинот на кој функционира нашиот систем. Во последната деценија Европа постојано се менува, станувајќи на некој начин движечка цел што треба да ја следиме“, рече Димитров.

Во своето обраќање, вицепремиерот Бујар Османи вели оти земјава има солидна динамика на имплементацијата на реформите од Планот 18, и сериозен напредок во сите дефинирани области: владеење на правото, реформата на јавната администрација и борбата против организираниот криминал и корупцијата.

„Покрај исклучително големиот успех во адресирањето на отворените политички прашања – Преспанскиот договор со Република Грција и Договорот за добрососедство со Република Бугарија, во ниту еден момент не дозволивме намалување на фокусот на земјата од реформската агенда“, посочи Османи.

Оптимизмот на властите од Македонија не го делат нивните колеги од Франција и Холандија – тие дефинитивно се противат на проширувањето и многу е веројатно дека би ставиле вето на отворањето на преговори и со Скопје и со Тирана.

Биљана Божиновска