Грција бара да се користи името „Северна Македонија“ и од приватниците кои добиваат државни пари

Официјална Атина ги информира грчките институции да не го користат терминот „македонска влада“ или „македонски министер” – туку „Министер на Северна Македонија“. Правилата и обврските се објаснуваат во информативен циркулар кој денеска грчкото МНР го испрати до јавните служби а ќе важи и за сите приватни субјекти финансирани од државата.

Новото име Република Северна Македонија покрај тоа што важи во сите меѓународни и регионални организации, институции и форуми, ќе важи и за билатералната службена пошта. Во спротивно, поштата нема да биде примена и ќе се враќа назад до испраќачот.

Се потенцира дека грчките делегации треба да бидат внимателни и веднаш да реагираат доколку забележат погрешна употреба на името и терминологијата од трета земја или организатор. Доколку сепак тоа се случи грчката делегација што учествува на меѓународната средба не треба да потпише или да одобри текстови кога во нив има погрешно споменување на името.

Во однос на документите, при влез и излез од земјата веќе се става печат на старите пасоши со кој се објаснува дека потекнуваат од Северна Македонија,а на грчката граница повеќе не се бара пополнување на белите листови. Во меѓувреме надлежните грчки власти ќе дадат и посебни упатства.

Грчкото МНР објаснува и дека соседот за 4 месеци ќе има нови регистарски таблички за возилата, а во преодниот период на старите ќе се стават налепници НМК или НМ.

Согласно Преспанскиот договор, Грција во следниот период ќе почне и со замената на старите крајпатни табли на кои пишува Скопје и ќе стави нови со Северна Македонија.