Грците бараат референдум за договорот, Сириза сеуште верува во Заев

Владата на Ципрас се држи на ветувањата на Заев дека нема да се откаже од обидите Договорот од Преспа да стапи во сила. Ќе било навистина штета доколку се изгубела оваа голема шанса.

– Постојат политички опции што може да ги направи господинот Заев, кои би одвеле до уставна ревизија. Постои силна политичка сила  во соседната земја што се обврзува да направи напори со секое средство што го има на располагање за исполнување на суштинските предуслови, односно ревизија на Уставот, вели Димитрис Ѕанакопулос.

И додека Грчката Влада е во исчекување на промена на Уставот во Македонија – анкетите во Грција покажуваат пад за Владата на Ципрас. Ако сега има предвремени парламентарни избори во Грција опозициската Нова Демократија би била победник со оглед на тоа дека води за околу 10 отсто пред Сириза.

Ставот на опозициската Нова Демократија е дека нема да го ратификува Преспанскиот договор во Собранието и бара избори во Грција  кои би биле своевиден референдум за името.

Според анкетите за рејтинг на партиите коалиционерот на Ципрас – Независни Грци имаат толку мал рејтинг што дури би останале и надвор од Парламентот.

Во меѓувреме поголемиот број на граѓани во Грција се против договорот кој се потпиша во Нивици. Последните анкети покажуваат дека околу 72 отсто од Грците сакаат да се повлече Преспанскиот договор, а 68 отсто бараат референдум, објавува весникот Прото Тема.