Одбраната на Груевски: Застарено гонење на експремиерот

Делото за кое СЈО го гонеше екс премиерот Никола Груевски, а судот го обвини, има и апсолутна и релативна застареност на гонење. На ова упатија адвокатите на обвинетите, Груевски и Поповски, повикувајќи се на Кривичниот законик.

Одбраната во процесот повеќепати реагираше дека целиот случај е застарен за што приложи и докази. СЈО тврдеше дека Груевски го прекршил законот кога во телефонски разговор од февруари 2012 година на прашање на екс министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, дали ги видел проспектите и одговорил дека ги видел и дека најинтересно е тоа на „М“.

Останатите два телефонски разговори на кои се повикаа специјалните обвинителки се од март и јули 2012 г. Но наспроти ова, членот 30 од Кривичниот законик јасно вели дека за момент на дејствие за сторување на кривично дело се зема првото дејствие, во случајот февруари 2012-тата, кога Заев се уште ги немал објавено прислушуваните разговори, па така Обвинителството и не можело да преземе нешто. Останатите разговори од март и јули може да се сметаат само за последица. Одбраната на Груевски укажуваше дека релативна застареност на гонењето настапува ако во рок од три години не се покрене никаков обвинителен процес. Во случајот, СЈО во тоа време не постоеше, а ОЈО нема дејствија бидејќи и СДСМ не поднел пријава.

СЈО и првостепениот суд се повикуваа на одредбата дека релативна застареност не може да има ако обвинетиот во меѓувреме сторил и други кривични дела, повикувајќи се на другите 4 предмети на СЈО кои се водат против Груевски. Но според познавачите, ниту едно од тие дела не е правосилно докажано, така што има чиста релативна застареност на гонењето.

Оттука според правните експерти, случајот „Тенк“ има и апсолутна застареност што произлегува и од фактот дека во период од 6 години од сторување на прекршокот немало правосилна судска одлука, рок кој според истиот член од Кривичниот законик изминал уште во февруари оваа година.

Инаку, блиндираниот Мерцедес е најбезбедното возило кое го поседува Република Македонија. Автомобилот вреден 600.000 евра е единствен кој ги исполнува строгите критериуми за превоз на високи домашни функционери и странски дипломати. Овој владин Мерцедес кој Заев и СДСМ го критикуваа додека беа во опозиција, редовно го користат за потреби на високи странски но и домашни функционери. Па така во него се возеа генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенбер, канцеларот на Република Австрија Себастијан Курц, германската канцеларка Ангела Меркел. Во него се вози и Зоран Заев.

Во екот на изборната кампања Заев ветуваше дека скапиот автомобил ќе биде продаден, а парите од продажбата ќе се искористат за набавка на амбуланти возила за Клиниките, тоа до сега не се случи.

Биљана Божиновска