Груевски на Фејсбук: По бројните закани побарав политички азил во Унгарија

Со денови добивал интензивни закани по животот, одлучил да побара азил во странство но никогаш нема да отстапи од македонската кауза. По двoдневна полициска потрага, денеска на фејсбук профилот кој поранешниот премиер Никола Груевски го користи подолго време, осамна порака дека тој не е во земјава и дека во обид да се заштити од прогон и евентуално насилство, заминал во земја членка на Европската унија.

Во последните неколку денови примив безброј закани по мојот живот. Јас сум во Будимпешта сега, и побарав политички азил од Унгарските власти. Секогаш ќе останам верен на каузата на Македонија. Никогаш нема да отстапам– пишува на официјалниот фејсбук профил на Никола Груевски.

 Не  е јасно дали Груевски самиот го напишал овој статус или можеби тоа го сторил некој друг во негово име, а и од унгарското МНР се уште нема потврда дали навистина побарал политички азил. Од МВР пак соопштуваат дека тој не ја минал границата на ниту еден од легалните премини.

Почесниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ во текот на целиот изминат период повторуваше дека е жртва на политички прогон од страна на непрофесионално и корумпирано обвинителство, како и дека случаите против него се монтирани со цел да му се наштети нему, но и на политичката партија која долго време ја водеше. Груевски инсистираше и дека власта сака по секоја цена сака да го стави во затвор, а одлуката за двегодишна казна поради набавката на службениот мерцедес, ја нарекуваше трагикомична. Впрочем иако премиерот Заев тврдеше дека блиндираниот мерцедес ќе биде продаден за да се набават амбулантни возила и сега се користи за превоз на високи гости кои доаѓаат во официјална посета на земјава, како и за други намени кога тоа го пропишуваат строгите протоколарни и безбедносни стандарди. Одбраната на Груевски инсистираше дека и покрај тоа, за разлика од други лица кои се обвинети за многу посериозни дела, судот во рекорден рок го прогласи нивниот клиент за виновен и потоа експресно му ги одби сите жалби и барања за пролонгирање на отслужувањето на затворската казна.

Драган Милосављевиќ