Груевски: СЈО ако не го спомне моето име, предметот не им е атрактивен

Специјалното јавно обвинителство и кога не води истрага за поранешниот премиер Никола Груевски, неговото име не изостанува од соопштенијата поврзани со истражни постапки. Вака смета Груевски откако денеска СЈО информираше дека отвориле нова истрага наречен Поштенска Банка, од 2001 година, кога премиер бил Љубчо Георгиевски,а Груевски министер за финансии. СЈО истражува перење пари за 9 лица, и повторно го открива нивниот идентитет, како и на поранешните функционери меѓу кои и Груевски, иако не се опфатени со истрагата.

„СЈО ме спомнуваат дека пред 17 години сум учествувал во нешто за што во тоа време, ниту како министер сум имал ингеренции да учествувам, ниту најголем дел од луѓето во тоа време лично сум ги познавал, ниту знам што и дали воопшто имало нешто противзаконско, ниту пак на било кој начин сум учествувал. СЈО или било кој друг досега не ме информирал дека се води предистражна постапка за ова, ниту ме прашал нешто за тој предмет. Очигледно, ако во ова време на политички прогони и хајки, не се спомне моето име, СЈО не го чувствуваат доволно атрактивен предметот кој го работат.“ пишува Груевски на својот профил на Фејсбук.

Груевски го коментира и денешниот настап на пратеникот на СДСМ, Костадин Костадиновски кој обвини дека во време кога Груевски бил премиер, заедно со министрите од неговата влада наводно земале провизија за изградба на автопатиштата низ земјава.

„Ниту јас, ниту другите обвинети во случајот за градбата на патиштата не сме обвинети за земање на провизии како што тврди тој. Обвинението против мене е по истиот член 359 како во случајот за набавката на блиндираниот Мерцедес, влијание заради остварување корист. Во случајот за Мерцедесот, користа исто така не е некаква провизија, туку наводната корист била што покрај останатите гости од странство и јас сум сакал понекогаш да бидам превезуван со тоа возило, и со тоа сум остварил корист. Во случајот со патиштата користа за која СЈО ме терети е дека сум сакал со изградбата на патиштата како политичар да добијам политички поени од граѓаните пред парламентарните избори“ пишува Груевски на својот профил.

Во рок од три дена, Специјалното јавно обвинителство отвори 7 нови истраги за поранешни функционери на ВМРО ДПМНЕ. Во скоро сите се спомнува и Груевски, кој пак смета дека новите истраги на СЈО се само потврда дека обвинителството на Катица Јанева е класичен инструмент за репресија кон политичките неистомисленици за што подолго одржување на власт на СДСМ.

Катерина Гетева