Груби не знае – Ниту за тендерот за печатење учебници, ниту за етничката застапеност во неговото министерство

Не знаел, за да може да демантира, ова е одговорот на вицепремиерот Артан Груби на прашањето дали фирмата „Арберија дизајн“ – фирмата блиска до ДУИ и еден од нивните главни финансиери, ќе го добие тендерот за печатење на учебниците. Јавноста веќе добро знае дека тоа е компанијата која има добиено над 60 тендери од власта, а се збогати со уште стотина илјади евра за прославата на Рамковниот договор што токму институцијата што Груби ја води ја организираше.

– „Не знам. Како да демантирам или да потврдам кога не знам. Не сум во тек со тоа.“ – Одговори Груби.

Министерството за политички систем кое Груби го предводи, освен организирање рамковни прослави, рекорди по вработување и трошоци од речиси три милиони евра за плати, засега не се пофалиле со ниту еден друг проект или програма што ги засега останатите етнички заедници. Го прашавме директно што се сработиле во неговото министерство, освен рамковни фестивали. Ја издвои само таканаречената академија што се организираше повторно во деновите околу рамковната журка, но пак не спомена ниту еден друг проект за меѓуетнички односи – Инаку, основната причина заради која постои неговата институција.

– „Имавме одлична политичка школа за млади лидери, на која што учествуваа Македонци, Турци, Албанци, Роми, Власи… Од сите заедници…“ – Истакна Груби.

Имајќи ја во предвид јавната репутација на министерството за политички систем и односи со заедниците дека постои само за вдомување на партиски членови на ДУИ, го прашавме Груби и за тоа колку од вработените во неговото министерство се Македонци, Турци, Роми, Срби или други.

– „Па не знам за точната процентуална застапеност, затоа што распределбата се деси и се уште е во тек, се уште имаме некои, помалку од стотина од тие 1500 кои што беа распределени.“ – Додаде Груби.

Алфа ТВ уште пред некое време испрати барање за пристап до информации од јавен карактер директно до генералниот секретаријат при Владата, за тоа колку вкупно вработени има министерството на Груби, која е етничката застапеност на вработените, просечната плата, како и нивниот степен на образование. Од Илинденска ни одговорија дека не биле надлежни, не знаеле, па прашањата ги препратиле во кабинетот на Груби.

– „Ве известуваме дека прашањата во врска со вработените на МПСОЗ не се однесуваат на Генералниот секретаријат односно ниту е создател или имател, туку на Министерството за политички систем и односи со заедниците каде се испратени прашањата на надлежност и постапување, согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.“ – Велат од генералниот секретаријат при владата.

Засега, ова министерство останува нај-енигматичната институција во Македонија, за кое не се знае на што точно ги трошат парите на граѓаните, што точно работат и кого вработуваат.

Никола Цветкоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста