});

Гром пеплоса куќа – шестчлено семејство за миг остана без покрив над глава

Пеплосан мебел, искршени керамиди, црни талпи … Ова е сè што остана од куќата на семејството Велјановски, која ја проголтале пламените јазици по громот што удрил во објектот во скопска Нова Брезница. За среќа, кога настанал пожарот дома немало никој. Шестчленото семејство во моментов е сместено кај роднини.

-Оваа куќа ја градев цигла по цигла, плочка по плочка. Ова што ми се случи е катастрофално. Кога гореше куќата, падна кровот, а додека пожарникарите дојдоа кроната конструкција веќе беше падната. Не можат да ја обвинам противпожарната единица, бидејќи луѓето реагираа, со скали внатре влегоа и гасеа. Што можеше да се изгаси, се изгаси, но беше доцна, вели Божин Велјановски.

Божин Велјановски вели со платата едвај го поминуваат месецот, и не може да гради нова куќа. Тој не бара пари, туку материјал со кој ќе може да ја започне санацијата на куќата.

-Апелирам до секој хуман граѓанин, што сака и може да помогне, и до поголемите фирми. Но пари не барам, барам материјал за да можам да ја санирам куќата, и да се вратам повторно во живот тука, вели Велјановски.

Велјановски вели дека му помага семејството, а помошта од институциите и имашните граѓани ја очекува во било кое време.

Сања Трајковска Ставров