Грозоморно убиство во Прилеп – ја избодел девојка си пред нејзиниот десетгодишен син

33-годишната прилепчанка Евгенија И.Г. е жртвата од синоќешната трагедија, која се случила нешто по 21.30 часот, кога нејзиниот пријател, 36-годишниот Христијан К., со кого била во врска околу 2 години, ја усмртил со неколку убоди од нож во пределот на градите. Убиството се случило во неговиот дом, пред очите на 10-годишниот син на жртвата. Според обвинителството, Христијан, во моментот на убиството бил во тешка алкохолизирана состојба, со над 2 промили алкохол во крвта.

Соседите од Христијан, кој е дете на разведени родители и живеел сам, откако пред неколку години починале неговата баба и татко, крајно шокирани од трагедијата, велат дека Христијан отсекогаш бил примерно, мирно дете и ненасилен тип, а не бил ниту алкохоличар.

Инаку, сега починатата работела како касиерка во еден голем маркет во Прилеп, а додека нејзиниот пријател бил вработен како магационер, во друг, исто така голем маркет. Неофицијално, извесно време тој бил на боледување. Христијан, по убиството, не го напуштил местото на трагедијата и веднаш е приведен од полицијата. Телото на жртвата предадено е на обдукција, а истрагата за расчистување на овој трагичен настан, продолжува.

Каролина Дурло