Грипот зема замав – дванаесетгодишно девојче е четвртата жртва

Дванаесетгодишно девојче со церебрална парализа и мускулна дистрофија, почина на детската клиника, поради компликации од грип. Тоа е четвртата жртва на грипот, кој од почетокот на месецов веќе зеде три животи. Девојчето четири дена лежело на детската клиника.

Освен бројот на смртни случаи, расте и бројот на заразени. Во лабораторијата на ИЈЗ најмногу потврдени случаи има од грипот А Х1Н1, кај народот познат како свински грип. Само минатата недела има регистрирано над 3000 болни, а епидемиолозите очекуваат дополнително зголемување на заразени во наредните недели. Велат, нормално е да има и случаи со смртни исходи.

Минатата недела од грип почина 86 – годишен маж, кој според извештајот немал други заболувања.

На детската клиника пред три недели почина петгодишно девојче кое имало астма, а на КАРИЛ поради компликации од грип почина и 25-годишна девојка со Даунов синдром.

Сања Трајковска Ставров