Граѓанска петиција за поддршка за инспекторот Илиевски

На 5 дена пред одлуката дали на просветниот инспектор Ѓорѓи Илиевски ќе му биде изречена дисциплинска мерка, поради како што посочуваат од дисциплинската комисија, прекршување на етичкиот кодекс, граѓаните се кренаа на нозе. Преку онлајн петиција, тие бараат правда за Илиевски.„Кажете еднаш засекогаш НЕ! за криминалот во Македонија“,стои во отворената петиција.
Подршка за храброста на инспектор Илиевски. Криминалот и хунтата мора да паднат!

Да престане газењето на Уставот и законите! Да престане казнувањето и вршењето притисок врз лицата кои пријавуваат незаконитости!

Да дадеме подршка за храбрите луге во државата!!! Доста е Криминал!!!

Потписниците на петицијата отворено даваат поддршка за инспекторот. Инспекторот Илиевски стравува од отказ, пред неколку дена изјави дека правдата ќе ја бара на суд.

„Јас уште шест месеци одам во пензија и ќе добијам отказ. Јас горе чекам одлука да добијам, пазете како може јас како инспектор против кого се води постапка да не ја знам одлуката на Комисијата“, прашува инспекторот Ѓорѓи Илиевски.
Дисциплинската комисија при Државниот просветен инспекторат во петокот утврди дека има основи да се казни инспекторот Илиевски и кратко соопшти дека утврдиле прекршок, но не сакаа да откријат повеќе детали за причините за оваа одлука одлука, додавајќи дека постапувале според Законот за административни службеници.

Инспекторот Илиевски се товари дека го прекршил етичкиот кодекс со тоа што пред медиумите неодамна обзнани дека високи функционери на ДУИ противзаконски се стекнале со високи наставно научни звања додека биле на функција. Случајот се однесуваше на министерот за образование Арбр Адеми, заменикот министер за внатрешни Агим Нухиу и директорот на Државниот завод за индустриска сопственост Сафет Емрули.
Имено, министерот за образование и наука бил унапреден од асистент во доцент во период кога му мирува работниот однос на Универзитетот во Тетово. Иста е состојбата и со унапредувањето од доцент во вонреден професор на Агим Нухиу. Третиот функционер, Сафет Емрули, бил унапреден од помлад асистент во асистент во 2010 година, во 2013 станал доцент, а минатата година и вонреден професор.

Случајот со спорните дипломи кој го обелодени Илиевски се најде и пред Народниот правобранител, Хелсиншкиот комитет за човекови права, а веќе го разгледува и антикорупциската комисија.

Јована Грчева