Граѓаните со жестоки реакции, откако владата им препорача како да штедат

Од што да се штеди струја, кога џебовите се празни и дното е одамна допрено. Граѓаните бесни откако министерот Бектеши излезе да ги советува кога да се бањаат и да перат алишта. За населението , мерките за штедење се бесмислени бидејќи поради прескапата живејачка и масовната беспарица одамна готват, перат и се тушираат по 22 часот навечер. Особено се револтирани откако се укина евтината тарифа преку ден од 14 до 16 часот, па многумина морале да јадат ручек направен претходниот ден. Сметаат дека советите на Владата веќе одамна ги применуваат, па надлежните не треба да очекуваат заштеди од граѓаните.

„Многу не сме обрнувале внимание. Па ќе треба да се консултирам со жена ми, јас не готвам“

„Како може старите по 70 години да одат по скали? Тоа нека каже министерот. па 4-члено семејство во колкаво тенџере да готви? Нека дадат во колкави димензии треба и така ќе живееме по неговите правила“

„Зошто да не може да се користи лифтот? Старите луѓе што не можат да се качат по осми кат?“

„Како во помали тенџериња? Ако се двајца добро, ама ако се 5-6 луѓе?“ – се жалат граѓаните.

Препораките за граѓаните вклучуваат и совети да се оди по скалила наместо да се користи лифт. Бојлерот не само да не се користи во скапа тарифа, туку и да не се загрева водата премногу и да се пушта тенок млаз вода. Фрижидерот да не се позиционира на најниска температура. Во текот на денот во летна сезона да се спуштат ролетните и завесите. Да не се блокираат радијаторите со мебел и завеси. Да се користат машините за садови и перење, секогаш полни и на евтина тарифа. Има и совети за минимално користење на компјутери, полначи за телефони, замена на стари со нови штедливи сијалици, како и готвење во помали тенџериња на помалите рингли на шпоретите. За оние поимотните, препораките се да инвестираат во изолација на домовите, да купуваат бела техника со висока енергетска ефикасност и да вградат сиончеви колектори.

Тања Попова

Advertisements