Граѓаните се незадоволни од тоа како Владата ги троши народните пари

Дури 85% од граѓаните се незадоволни од тоа како Владата ги троши парите што ги собира од даноци – покажа најновата анкета на асоцијацијата „Зенит“. Во првите 6 месеци од годинава државата собрала 20 милиони евра повеќе од персоналниот данок, кај кој се воведе втора повисока стапка од 18%, но парите не завршиле на вистинските места. Поради бројните скандали со корупција, злоупотреба на буџетските пари, набавките на луксузни автомобили и други стоки, како и нереално високите патни трошоци, испитаниците се скептични дека она што е дополнително собрано во државната каса ќе се потроши за социјално загрозените граѓани.

– Се уште е рано да се судат крајните ефекти од реформата, поминати се само шест месеци од нејзиното имплеменитирање и тоа покажува дека државата или треба подобро на граѓаните да им објасни како се трошат овие дополнителни средства или дека можеби треба да пристапи кон законски измени во начинот на кој се мониторира трошењето на овие средства за тие да се осигураат дека парите завршуваат таму каде што треба, рече Александар Николов, извршен директор на Асоцијацијата „Зенит“.

Дури две третини од анкетираните граѓани сметаат дека даночната реформа не довела до намалување на јазот меѓу најбогатите и најсиромашните. Предлагаат членовите на социјално загрозените семејства да плаќаат помалку данок на доход.

– Граѓаните сметаат дека таквиот пристап е најоправдан кај домаќинствата со лица со попреченост или тешко болни, а нешто помала поддршка има за даночно фаворизирање на домаќинствата со корисници на социјална помош и со деца – вели Николов.

Некои од аналитичарите, пак, сметаат дека воведувањето на повеќе прагови за повисоки стапки кај персоналниот данок можеби ќе резултирале со поголеми ефекти.

– Половина година од примената на прогресивниот данок ефектите се добри од аспект на прибирање на даноците бидејќи растот е една петтина поголем во споредба со минатата година. Имаме раст од 18 проценти на прибирање на персонален данок на доход. Подобри фискални ефекти може да даде прогресивно однаочување на повеќе нивоа, рече даночниот советник Павле Гацов.

Прогресијата кај персоналниот данок не предизвикала поголема даночна евазија како што некои очекуваа – велат од „Зенит“. Сепак граѓаните се поделени околу даночната политика што ја спроведува Владата. 44% претежно подржуваат повисоки даноци, додека 40% се против ваквиот даночен систем.

Инаку бизнисмените побараа до средината на тековната година, Владата да ги известува за сите даночни промени кои сака да ги спроведе од наредната година. Алармираа дека трпат огромни загуби поради ад хок решенијата. Владата од годинава воведе втора повисока стапка кај персоналецот, а претходно без никаква најава или дебата ја зголеми и акцизата на дизелот.

Тања Попова