Граѓаните реагираат дека нема лекови на рецепт-надлежните негираат

Ако претходно лекови на рецепт немаше после 5 или 10-ти во месецот, сега нема ниту на вториот ден. Граѓаните, особено хронично болните, мака мачат да земат лек препишан на рецепт, а мај само што започна. Граѓаните пред камерата на Алфа велат дека одат од аптека до аптека, а најчестиот одговор што го добиваат внатре е „лекот го има, ама само на приватно“.

Новата прераспределба на квотите, со што Фондот за здравство скрати од големите и даде повеќе пари на помалите аптеки, не го реши горливиот проблем на осигурениците.

Од Фондот за здравствено осигурување за Алфа велат дека не е возможно денеска да немало лекови.

-Деновиве во Фондот нема доставено информации ниту поплаки од осигуреници дека не можеле да набават одредена терапија во аптеките. Почеток на месецот е и не може да има аптеки кои веќе ја искористиле целата месечна квота. Доколку има такви информации, осигурениците можат да достават претставка до Фондот со точна назнака за која аптека се работи и во кое време не можеле да подигнат одреден лек, велат од Фондот.

Според ФЗО, едно од можните долгорочни решенија за континуирана снабденост на лекови со рецепт на товар на Фондот е концептот на воведување на електронско здравствено досие за секој осигуреник со кое во реално време ќе бидат достапни сите податоци за тоа кој лекар каков лек пропишал за кој осигуреник и каде тој ја подигнал терапијата.

Овој проблем е присутен поради долгогодишниот застој и непроширувањето на позитивната листа на лекови. Поради што здравствените власти иницираа и законски измени. Предлог-законот за здравствено осигурување, предвидува една комисија, составена од 17, наместо како досега 14 членови, да ја утврдува и проширува позитивната листа на лекови кои паѓаат на товар на Фондот за здравствено осигурување.