Граѓаните не чувствуваат подобрување на живеачката

Многу трошоци празен џеб. Животниот стандард и натаму најголем проблем за граѓаните, кои како што велат – едвај врзуваат крај со крај. Според државната статистика месечната нето плата во земјава на годишно ниво е порасната за над 6% и достигна над 24.000 денари. Но, болна тема меѓу народот е куповната моќ и стандардот. Институциите објавуваат дека има подобрување на состојбите, но граѓаните велат дека се уште не чувствувале подобрување на квалитетот на животот. Се жалат дека од ден во ден се потешко ги полнат кошниците, зашто парите не им стигале ни за лекови, а камо ли за нормална живеачка. Велат, кога децата бегаат, нема стандард.

Но има и такви кои се оптимисти дека ќе биде подобро. По тешката 2018 се надеваат дека во 2019 работите ќе мрднат од мртва точка.

Власта се фали дека просечната плата пораснала, но проблемот е што ретко кој ја зема. Според податоците, дури 70% од граѓаните земаат помалку од статистичкиот просек. Колку изнесува тој во споредба со потребите на едно семејство доволно покажува минималната кошничка која ја пресметува синдикатот. Таа е дури за една третина поскапа од просечната плата и надминува 32.000 денари.

За набавка на основните животни потреби, синдикатот пресметал дека за набавка на храна и пијалоци потребни се близу 13.500 денари, за хигиена и лекови околу 2.300, за подмирување на месечните трошоци близу 10.500, за превоз околу 2.400, за култура над 1.000, и за облека околу 2.200 денари.

Во меѓувреме, драстично поскапе и цената на лебот. Најголемиот дел од овој продукт доби повисоки цени од 5, 10, па и 15 денари. Мелничарите се правдаат дека биле принудени зашто поскапеле речиси сите продукти, а надлежните креваат раменици. Велат ако продолжело поскапувањето ќе ги активирале државните резерви. Сега, за сега, единствено обичната, бела векна леб останува по стара цена, но до кога останува неизвесно.

Дел од граѓаните велат дека и натаму се оптоварени со проблеми кои ги имаат во континуитет со години наназад, како ниски плати и пензии, иселување на младите и висока стапка на невработеност. Дел од луѓето велат дека има олеснувања, но се уште не чувствуваат дека има подобри услови за живеење.

Власта е оптимист дека работите се движат кон подобро. Ова го темелат врз политиките за раст на платите кои допрва требало да дадат резултати. Минималната плата која со закон беше утврдена на 12.000 денари даде ефект кај најниско платените работници. Но проблемот е што овој раст не повлече и зголемување на платите и за оние со повисоки квалификации. Во очекување на ветените 500 евра просек, македонските граѓани остануваат на дното во Европа по животниот стандард, висината на платите, невработеноста, но и иселувањето кое и по доаѓањето на оваа Влада не запре.

Борис Грујоски