Граѓаните не можат да врзат крај со крај – инфлацијата го јаде домашниот буџет

Граѓаните сè потешко врзуваат крај со крај. Многумина мака мачат како да го поминат месецот. Откако Влата на стартот на минатиот месец ги укина антикризните мерки, цените на прехранбените производи и горивата се вивнаа нагоре. По повторното ограничување на маржите, цените не се вратија на старите нивоа. Населението со ограничени примања сега треба да одвои многу повеќе пари само за набавка на најосновните продукти. Велат џебовите им се сè попразни, а освен за храна, сметки и гориво, ништо не останува за други потреби.

И државната статистика измери енормен раст на трошоците на живот. Инфлацијата за само еден месец се зголеми од 12 на 14 и пол отсто. Тоа значи дека просечната плата од 31.500 денари сега вреди 4.500 денари помалку, односно е исто како во џеб да имате 26.900 денари. Финансискиот удар е уште поголем за оние со најниски примања. Во јуни, на оние што добиваат минималец,  18-те илјади денари вредат 2.600 денари помалку, односно е исто како да заработуваат само 15.400 денари.

Според последните податоци, најмногу поскапело маслото за јадење, за 50%. Цената на лебот за една година се зголемила за третина, месото за 18,4%, а млекото, сирењето, јајцата, зеленчукот и шеќерот сега се продаваат за околу 20% поскапо. Најдрастично се зголемија цените на горивата, за дури 65%. Граѓаните од месецов ќе треба да плаќаат и поскапа струја, а се поизвесно е и зголемувањето на цената на парно греењето во Скопје..

Граѓаните очајно бараат мерки за колку толку да им се намалат трошоците, но Владата најави помош само за најзагрозените категории граѓани и тоа од септември. Дел од експертите веќе некое време бараат власта да ги замрзне цените на храната, да се откаже од дел од ДДЦВ и акцизите и други такси, но засега не наидуваат на слух од надлежните.

Тања Попова