Граѓаните недоволно финансиски писмени, неопходна е едукација

Македонците се недоволно финансиски писмени. Иако 77% од возрасното население има трансакциска сметка, само 17% од граѓаните имаат кредитни картички, а повеќе од половината поседуваат дебитни картички. Само една третина од луѓето купуваат со платежни картички во маркетите, продавниците, бутиците и други продажни места, што е двојно помалку од просекот во Европската Унија. 12% преку електронски пат пристапуваат до сметките, а интернет трансакции прават само 17% од луѓето. Од Народната банка велат дека сите финансиски институции мора активно да се вклучат во едукација на граѓаните.

„За нас како регулатори, предизвик е финансиската инклузија којашто значи пристап на што поголем дел од населението до финансискиот систем, но на одржлив начин, без прекумерни ризици, што на долг рок треба да придонесе за сеопфатен економски раст чии придобивки ќе ги почувствуваат сите” – рече гувернерката на Народната Банка, Анита Ангеловска Бежоска.

За што повеќе да ги вклучат посиромашните во финансискиот систем, министерот Тевдовски најави бесплатни банкарски сметки за ранливите категории. Ова треба да стане реалност до крајот на годинава со промените во Законот за платежни услуги и платни системи.

-Работната верзија предвидува сметката со основни функции да биде бесплатна за ранливите категории, односно по закон ќе добијат бесплатни услуги за отворање, водење сметка, уплати и исплати. За останатите потрошувачи, платежната сметка со основни функции ќе биде со разумен надоместок. Ќе напоменам, дека за да се отвори сметката, граѓаните не треба да поседуваат друга сметка со основни функции на свое име, како и дека на оваа сметка нема да можат да одат во минус, рече министерот за финансии Тевдовски.

Главните финансиски институции во земјава во наредниот период ќе ја интензивираат финансиската едукација на населението, особено на најмладите. Надлежните велат дека секој треба да знае како се штеди, како да се заштити при земање кредит, да го осигура животот и имотот, да ја проверува пензиската сметка, да тргува на берза и слично.

Тања Попова