Граѓаните на Македонија и Албанија со најмалку пари во регионот и Европа

Македонија заедно со Албанија на дното во Европа. Македонците имаат најмалку пари за трошење во регионот. И покрај неколкукратното зголемување на минималецот и порастот на просечната плата во земјава, Македонија никако да мрдне од дното и да ги престигне соседните држави. Според најновата анализа на европската статистичка служба Еуростат, македонските граѓани имаат најнизок просечен расположлив приход заедно со Албанците. Подобро од нас стојат сите, и Србите, Црногорците, Турците. Во рамки на Европската Унија, има големи разлики во примањата и распределбата на парите меѓу постарите и поновите земји членки, а уште подрастични разлики со земјите од Западен Балкан. Во ЕУ најмногу пари за трошење по глава на жител имаат Луксембург и Холандија, а најмалку Бугарија и Романија.

Во Македонија се очекува просечната плата и натаму да расте. Ќе се зголемуваат платите во јавниот сектор, но само селективно – вработените во некои министерства ќе добијат и до 30% повисоки примања, додека примањата на другите ќе стагнираат, а некои и ќе се намалуваат. Предвиден е и раст на минималецот во март. Сепак, синдикатите се револтирани, бидејќи власта никако не ја зема инфлацијата во предвид. Велат порастот на цените надмина 14% во 2022-та година, а платите не растат со истата динамика. Тоа значело дека животниот стандард на населението не само што не се подобрува, туку и се намалува.

Високите трошоци и тоа како го „подјадуваат“ животниот стандард. Синдикатот веќе пресмета дека на едно четиричлено семејство му требале над 51 илјада денари за да го „протурка“ месецот. Тоа значи дека мајката и таткото поединечно треба да земаат барем 26 илјади денари месечно. Минималната сума неопходна за каков таков живот е зголемена за дури 20 илјади денари за само една година. Најголеми поскапувања имаше кај храната и кај енергенсите. Аналитичарите очекуваат инфлацијата да остане двоцифрена и во 2023-та. Неколку пати побараа од власта таргетирани мерки за најзагрозените категории на граѓани, бидејќи и онака високата сиромаштија во Македонија може да се зголеми за нови 70 илјади лица.

Тања Попова

Advertisements