Граѓаните и фирмите и должат 160 милиони евра на УЈП

Граѓаните и фирмите и должат над 160 милиони евра на Управата за јавни приходи или за 19 милиони повеќе од претходно објаевената листа. 4.500 компании и физички лица се најдоа на листата на најголеми неплаќачи на даноци и придонеси кон УЈП. АД ТЕ-ТО – Скопје е прв на црната листа на должици на Управата. Долгот по разни основи достигнува 15,7 милиони евра. Голем дел од компаниите што и должат на државата како и досега се јавни претпријатија, акционерски друштва во државна сопственост, општини и слично. На листата се најде ЈП за одржување на магистрални и регионални патишта кое должи скоро 5 милиони евра, загубарот Еурокомпозит од Прилеп кој должи за ДДВ и данок на добивка 2.3 милиони евра, како и ЈКП Тетово со долг од 2.13 милиони евра.

Локалните власти, пак, на кои, од буџетот им беа дадени пари за да ги платат долгогодишните напластени долгови, повторно должат. Општина Карпош само по основ на ДДВ не платила 883 илјади евра, додека општина Охрид има далеку помал долг, од скоро 30 илјади евра. Но не должат само општините, туку и јавните претпријатија кои ги основале, па така на листата се и комуналните претпријатија од Гостивар, Куманово, Струга, Кавадарци, Свети Николе, Градско, Пробиштип и многу други.

На непосакуваната листа на должници се најде и Бетон Скопје, Винарската визба Повардарие од Неготино, МРТ, ЈП за стопанисување со спортски објекти, Фабриката за шински возила од Велес и други.

Се работи за долгови за даноци, придонеси, акцизи и царини кои доспеале на крајот на април годинава, но фирмите не ги платиле ниту до крајот на јули.

Само за даноци и придонеси, фирмите и граѓаните должат 158 милиони евра. Долгот за царнски давачки изнесува два и пол милиони евра.

Тања Попова