Граѓаните до крај на годинава електронски да се регистрираат во УЈП за да добијат пополнета даночна пријава

Сите граѓани кои остваруваат приходи годинава, дури и оние кои земаат само плата или пензија ќе мора електронски да се регистрираат во новиот систем за персонален данок до крајот на декември – информираат од УЈП.

Сите ќе мора да имаат електронски адреси на кои откако ќе се регистрираат ќе добијат барање кое треба да го достават до шалтерите на Управата, која потоа ќе ги потврдува податоците.

Управата ќе треба да им ја достави на граѓаните годишната даночна пријава најдоцна до 30 – ти април, а потоа тие ќе треба да ги потврдат или коригираат податоците најдоцна до 31 мај. Доколку тоа не го сторат ќе се смета дека Управата подготвила точна даночна пријава.

Од УЈП велат дека со оглед на фактот што и пензионерите ќе мора да се регистрираат електронски и многу од нив не користат компјутер или немаат е-мејл адреси, пензионерите ќе можат да му дадат полномошно на лице од своето семејство.

Од управата објаснуваат дека електронската регистрација се прави само еднаш. Досега се регистрирале само 13 илјади граѓани.