Граѓаните во обид да купат поевтино, маркетите да преживеат

Огромна разлика во цените на основните прехранбени продукти, во зависност во кој маркет ќе ги набавите. Граѓаните, во последните денови се растрчани низ продавниците во обид да начекаат поевтини производ, чии цени речиси секојдневно растат како последица на економско енергетската криза и загрижувачки високата инфлација. 

Невозможно е да се направи пресметка колку чинат основните прехранбени продукти за едно семејство, со оглед на различните цени во маркетите, бидејќи вкупната сума секаде би била различна, а количината на купените продуктите – иста.

Имено цената на 1 литар зејтин во КАМ изнеснува 142 ден, во Стокомак е 135ден а во Кипер – 155ден.

10 јајца во Рамстор чинат 101 ден, а во КАМ – 93 ден

1кг ориз во КАМ можете да го купите за 65 ден, а во Тинекс  ќе треба да издвоите 46ден.

1 кг домати во Стокомак се продаваат за 94 ден, а во КАМ за 65 ден 

1кг јаболка се значително поскапи во Рамстор и чинат 79 ден, за разлика од  КАМ каде ќе ви бидат доволни 42 ден

Од овде се наметнува прашањето – дали честото менување на владините антикризни мерки, само создава забуна , наместо позитивни ефекти во борбата со инфлацијата. Воведувањето, па укинувањето на мерките во кратки рокови ја зголемува ценовната нерамнотежа на пазарот.

Заклучно со 30 септември 2022 година за основните производи, леб, шеќер, како и масло за јадење, се утврдува трговска маржа во висина до 5% за трговија на мало и големо. Трговската маржа е ограничена на 10% за брашното, макароните, шпагетите, оризот, кравјото млеко и јајцата.

Но очигледно е дека ограничувањето на трговската маржа како единствена мерка веќе не дава резултати. Бизнисот постојано алармира дека се потребни субвенции за да преживеат бидејќи со волку високи цени на суровините, принудени се да продаваат поскапи производи за да не стават клуч на врата. Финансискиот удар е најголем за граѓаните со најниски примања, бидејќи парите секој ден се повеќе ја губат својата вредност, па со една плата може да се купат се помалку продукти.

Бојана Златкова