Град Скопје ги активираше мерките против аерозагадувањето, дали ќе помогнат?

По постојаните молби на граѓаните и еколошките здруженија, Град Скопје конечно ги воведе итните мерки за борба со загадувањето. Автобусите на ЈСП и приватните превозници ќе возат бесплатно, паркингот двојно поскапува, градот ќе ги запре градежните работи, а инспекторите постојано треба да ги проверуваат градилиштата и локациите за отпадни гуми и масла.

Град Скопје ја задолжи „Комунална хигиена“ интензивно да ги чисти улиците, им препорачува на граѓаните да го користат јавниот превоз, автошколите да го ограничат времето за обуки, а МВР да ги проверува возилата кои испуштаат повеќе издувни гасови. Мерките стапија на сила денеска на пладне.

Граѓаните велат мерките се задоцнети и нема ништо да сменат. Скопје и официјално стана најзагаден град во светот. Два дена последователно мерните станици во Карпош, Центар и Ректорат покажаа концентрација на ПМ 10 честички над 200 микрограми на метар кубен. Вчера во еден момент регистрираа над 700 микрограми, а денеска просекот беше меѓу 450 и 500 микрограми на метар кубен. Болниците се полнат, а жителите се гушат, велат ако властите навистина сакаат да го решат проблемот со загадувањето треба да одвојат пари за сериозни мерки што ќе дадат ефект.

Граѓанскиот сектор со години бара што побрзо да се активираат среднорочни и долгорочни мерки. За нив мерките на властите се козметички и популистички. Негодуваат бидејќи нема многу мерни станици, но и затоа што голем дел од нив не се во функција. Бараат поголеми субвенции за промена на начинот на греење кај домаќинствата, а не буџет за помош на само 1100 домаќинства во Скопје, Тетово и Битола. Бараат посовесно урбанистичко планирање, особено на повисоките градби што го спречуваат струењето на воздухот. Сметаат дека буџетот за борба со загадувањето на сите нивоа мора да се прошири, а дополнителните 1.5 милион евра кои под притисок на граѓанскиот сектор едвај се предвидеа во годинешниов буџет се премалку.

Петре Шилегов, како кандидат за градоначалник излезе со бројни ветувања за решавање на проблемот со загадувањето. Како прв човек на Скопје, пак, вели прави обиди, но резултати не може да има веднаш.

Итни мерки против загадувањето досега се воведоа во 4 градови – Скопје, Битола, Тетово и Струмица и покрај високите вредности измерени на речиси целата територија на Македонија.

Тања Попова