Градот првоборец и херој, достоинствено чествува 82 години од денот на народното востание на македонскиот народ

Градот првоборец и херој, достоинствено чествува 82 години од денот на народното востание на македонскиот народ

11- ти октомври 1941-та. Светол, но и крвав датум од поновата, инаку многувековна бурна македонска историја, а нераскинливо поврзан со градот – првоборец Прилеп, од каде, во мугрите на тоа „црвено“ октомвриско утро, со нападот на градот и на бугарскиот Затвор – Участакот од страна на Прилепскиот партизански одред „Гоце Делчев“, започна Македонското вооружено востание против окупаторите и фашизмот. Овој настан е важен меѓник во борбата за самобитност и самостојност на македонскиот народ преку кој Македонија не станала квислиншка територија, туку жешко подрачје за фашистичкиот окупатор.

   Како нем сведок за овие тешки и мрачни воени времиња, денес, во градот на непокорот и простумот сведочи и Меморијалниот музеј „11-ти Октомври“, кој како тогашен бугарски Участак важел за вистинско мачилиште за заробените партизани. Се простира на површина од 236 м2 и има три сали со богата историска поставка од неколку воени периоди на Македонија. Музејската поставка во главната сала е посветена токму на настаните кои се случиле на Денот на востанието. Таму е сместена и импровизираната соба во која од страна на бугарските фашисти крвнички се измачувале партизаните и нивните соработници.

    Слободарски Прилеп, во таа четиригодишна борба дал безмалку 700 жртви, а дури 15 од нив се прогласени за народни херои, како своевиден синоним за вечниот непокор на секогаш борбениот и правдољубив македонски народ, иако во последниве неколку години актуелната власт во Македонија, ја става под срамен прашалник веродостојноста на овие исклучително важни историски факти.  

   Прилеп и прилепчани пак, денес, 82 години подоцна, достоинствено и гордо им се оддолжуваат на сите свои херои кои несебично се вградија во темелите на нашата државност и самобитност. Чествувањата за големиот Национален празник, ЛС ги започна уште пред три дена со бројни културни, забавни и спортски манифестации, а ќе ги заврши денеска со полагањето на венци и свежи цвеќиња пред паметниците на хероите. 

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста