Градоносен облак ги докусури преспанските јаболка

Вчера во послепладневните часови, градоносен облак во подножјето на Бигла планина за петнаесет минути се истури врз овоштарниците од Преспанскиот регион  на потегот од село Јанковец, с`е до Љева река. Денеска,  репортерска екипа на АЛФА ТВ беше во с.  Избишта кое најмногу настрада, а глетката беше жална, во екот на берба јаболката да бидат распослани под овошките.

  • Вчера незапамтено, ниту постарите лица не паметат град во октомври среде берба, во узлови кога не би требало да се појави, но с епојави во Јанковец, Избишта, Болно, Лева река и штетите се катастрофални- рече Љубе Пампулевски, претседател на Здружението на овоштари од Ресен.- Зафати големо невреме, со град, ветер и траеше негде десет до петнаесет минути. Педесет насто е поништено- рече Милан Милошевски од с. Избишта.

Во вакви услови, раце тријат трговците, создавајќи привид за неизвесен откуп, а целта е јасна – трпезното јаболко да се откупи за ниска цена,а  индустриското за џабе.

  • Загрозени сме и од откупна цена и од индустриска цена. Не постои ниту цена, ниту откуп и моментално нема ништо- рече Милошевски.- проблемот со јаболката е со откупот како прва работа, временските непогоди се втора работа и немаме загарантирано откуп, така да размислуваме за промена на култура- рече неговиот син Гоце.

Бидејќи од годинешната реколта со над 130. 000 тони јаболка, половината ќе завршат за индустрија, преспанските овоштари спасот го гледаат  во субвенционирање на овие јаболка со три денари за килограм.

  • Во овие региони цел род ќе оди за индустриско јаболко, а во овој момент немаме интервентна мерка и Владата ја чекаме да излези денеска со соопштение. Доколку не се реагира, ова индустриско јаболко ќе остне во овоштарниците и тоа за Преспа ќе значи крај- рече Пампулевски.

Нашите домакини од Избиште велат дека с`е уште ги немаат добиено ланските субвенции, а суровата природа годинава си поигра дури четири пати, со жестоки врнежи на град. Можеби е време, сериозно да се размисли за програма поддржана од европските фондови и инвестирање во градобијна заштита со мрежи на овоштарниците.

Петар Стефановски