Градоначалничката Данела Арсовска полека ќе остане без ниту еден директор во јавните претпријатија

Се нижат директорите на скопските јавни претпријатија кои и го вртат грбот на градоначалничката Данела Арсовска. Последен кој по 9 месеци си поднесе оставка е В.Д. директорот на ЈП Паркови и зеленило, Ангеле Сотировски. Тој во објавата за својата оставка образложува дека моменталната политичка состојба во градот не му дозволувала успешно да менаџира со претпријатието, без да посочи повеќе детали за евентуален конфликт со надредената Арсовска. Сотировски информира дека го нашол претпријатието во тешка финансиска сосотојба, но сепак успеал да направи заштеди, особено на гориво, а истовремено да подигне нови зелени површини.

„Ценам дека новиот политички амбиент во Град Скопје нема да ми дозволи максимално да се фокусирам на најважното а тоа е успешно менаџирање на претпријатието. Токму поради тоа,  се повлекувам од должноста В.Д.Директор. Зад себе оставам и добиени налози за работа од кои очекувам дека на  Претпријатието ќе му гарантираат сигурни приливи на средства“ – вели Ангеле Сотировски, В.Д. директор на ЈП „Паркови и зеленило“.

Поддршка за Сотировски стигна и од неговата матична Социјалистичка Партија. Оттаму сметаат дека неговата стручност и интегритет овозможиле стабилност на ЈП Паркови и зеленило. За нив е неприфатлив, како што велат, одмаздничкиот и неразумен однос на градоначалничката кон кадрите на партиите кои ја подржале нејзината кандидатура. Според партијата, Арсовска повеќе не е независен градоначалник и отворено одработува за извршната власт. Не сработила ништо од програмата, па затоа и изостанува нивната поддршка.

„Социјалистичката партија на Македонија во ниту еден случај нема да прифати да соучествува и да биде дел од новонастанатата констелација во Град Скопје каде што доминатна улога ќе има или ќе се работи под закрилата на политичка партија од извршната власт, осведочена со голиот материјално – финансиски интерес и со изневерување на интересите на граѓаните на државата и на Град Скопје, а со која СПМ одамна нема согласност за сите прашања по идеолошка и национална основа“ – велат од СПМ.

Досега седум директори на јавни претпријатија во Скопје ги напуштија функциите за само неколку недели. Претходно откази дадоа првите луѓе на „Улици и патишта“, „Лајка“, „ЈСП Турс“, „Градски паркинг“, „Дрисла“, додека на директорот на скопски Водовод му беше доделен отказ поради сомнежи за местење на тендер, а на стотина вработени им се прекинуваат договорите за работа. Директорот на ЈП Градски Паркинг, Бојан Христовски пак се жали дека Арсовска се уште не ја прифатила неговата оставка поднесена уште пред една недела. Поради политичките препукувања во скопската локална власт, претпријатието може да трпи, работата да сопре,  а на вработените да им доцнат платите. По неколкунеделните партиски препукувања, ВМРО-ДПМНЕ и официјално ја повлече поддршката за градоначалничката, а градоначалниците од партијата нема да присуствуваат на нејзините настани.

Тања Попова