Градоначалникот на Карпош, Јакимовски, на свечено отворање на џамија дивоградба?!

Со сечење лента, но без присуство на медиумите, свечено беше отворена џамија во скопско Нерези, која според документите до кои дојде Алфа е дивоградба. На отворањето присуствуваше и градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски, кој ја прифатил поканата од пратеникот од ДУИ и поранешен градоначалник на Чаир, Изет Меџити, кој јавно се пофали на Фејсбук.

  • „Ја поздравувам конструктивноста што во овој процес ја покажа градоначалникот на општина Карпош, Стевче Јакимовски. За високата меѓуверска толеранција и соживот меѓу заедниците во нашиот град сведочи и присуството на претставници на црквата Свети Пантелејмон“ напиша Меџити на Фејсбук.

На нашето прашање дали џамијата е дивоградба, од Општина Карпош без конкретен одговор – велат дека ниту еден верски објект, освен црквата Св. Пантелејмон која е изградена во 11 век, не бил со градежна дозвола.

  • Овде се мисли на објектите во црквата Св. Пантелејмон во Долно Нерези, капелата во гробиштата, Црквата Св. Илија и пропратните објекти во Горно Нерези. А објектите во црквата Св. Тројца во Бардовци се легализирани во 2019 година, велат за Алфа од општина Карпош.

Инаку документите со кои располага Алфа покажуваат дека за оваа џамија имало решение за уривање издадено на 21 јуни минатата година со кое на инвеститорот, Исламската верска заедница, му се налага да ја отстрани во рок од три дена зашто немал градежна дозвола. Во тоа време имало само темели и плоча.

Во меѓувреме објектот продолжил да се гради, а по смената на локалната власт, актуелниот градоначланик Стевчо Јакимовски дури и присуствуваше на свеченото отворање.

Претходно, дивоизградена џамија, „никна“ во скопско Злокуќани исто во Општина Карпош, кои потоа ја стопирале градбата. Кога почнале да работат на изградба на џамијата, не е познато, а жителите на ова место не можеле да видат ништо поради високата бетонска ограда околу објекот.

Борис Грујоски

Advertisements