Градежниците на терен и на +40 степени, Синдикатите бараат почитување на препораките

Градежните работници како во минско поле. На пеколна температура мора да работат, зошто газдите не ги почитуваат препораките. Синдикатите алармираат инспекторите да бидат поажурни, иако се свесни дека ги нема во доволемн број. Од Трудовиот инспекторат, пак, велат се активни на терен и дека пишуваат казни.

И на плус 40 Целзиусови степени, градежниците активно работат на терен. Препораките да не се работи на отворено кога е најжешко, особено од меѓу 11 и 17 часот во најголем дел не се почитуваат. На повеќе места низ Скопје камерата на Алфа забележа работници кои во униформа ги извршуваат работните задачи и тоа точно напладне кога температурата е екстремно висока.

Ваква е сликата на некои места во Скопје, се работи и кога е најжешко.
И додека газдите не се грижат за своите работници и како да е крај на светот па во најтоплото бараат од нив да работат на сонце Синдикатите алармираат дека мора да се почитуваат препораките. Но апелираат и иснпекторите да бидат поажурни и да постапуваат по пријавите.
- Градежните работници се како во минско поле. И на пеколна температура мора да работат, зошто газдите не ги почитуваат препораките. Согласно Акциониот план за превенирање на последиците од топлотните бранови врз населението и мерките за Безбедност и здравје при работа, укажуваме дека работодавачите од целата држава треба да ги почитуваат општите препораки за заштита на работниците од високите температури како што се: заштита од директна сончева изложеност, избегнување престој на отворено во периодот од 11–17 часот, но и инспекцијата да е поажурна и да ги казнува оние кои го кршат законот, вели меѓу другото за Алфа Иван Пешевски, претседателот на Синдикатот за градежништво при ССМ.

Од синдикатот додаваат и дека некои градежни работници се плашат и да пријават, за да не добијат отказ. Од Инспекторатот пак тврдат дека се активни на терен. Велат правеле проверки, но и казнувале. Од Трудовиот инспекторат не информираа дека само минатата недела, биле извршени 30 инспекциски надзори, од кои 26 биле вонредни. Четири градежни компании биле казнети.
Инаку, Македонија „ќе гори“ и следната недела, а со топлотен бран се бори и Европа, на некој места термометарот достигнува и до 50 Целзиусови степени.
Борис Грујоски