„Го сакам Водно“ бара итен прекин на изградба на гасоводот низ Водно

Итно да се стопира изградба на гасоводот бараат од иницијативата „Го сакам Водно“. Доколку тоа не се случи најавуваат нови протести. Велат дека досега имаат испратено над 30 жалби во кои има укажано за низа пропусти и недозволени состојби.

– Мерките не се применуваат зошто не е завршена постапката за јавна набавка за избор на фирма која ќе ги спроведе, порачуваат од Граѓанската иницијатива и додаваат дека Планот за заштита од ерозија по нивно барање пред еден месец е доставен до МЕР и до Министерството за транспорт и врски.

– После месечна борба на претставки и жалби, стигнавме до амбис. Потребни ли се жртви да паднат за да запре ова лудило – по секоја цена гасовод низ Водно. Дури тогаш ли Владата, институциите, инспекторатите ќе се повикуваат на цела низа недоследности, пропусти и го стопираат градењето, прашуваат од „Го сакам Водно“.

Според Татјана Стојановска, багерите се стигнати до стрмен и непрооден терен а при градежните активности не се преземаат никакви мерки за безбедност и заштита.

Изградбата на гасоводот продолжува според проектот кој има правосилно одобрение за градба со сите потребни дозволи, се огласија од Македонски енергетски ресурси. Ако има сомнеж за повреда на Законот, ги повикаа активистите да се обратат до надлежните институции.

И додека екологистите изразуваат отворено сомневање дека инспекциите ќе реагираат на кршењето на прописите на градење, загаденоста на воздухот на голема врата се чувствува, особено во вечерните часови. Од Коалицијата О2 реагираат дека се уште нема одговор од надлежните за неработењето на мерните станици.

Граѓаните дишат загаден воздух уште на самиот почеток на грејната сезона. Десет пати над дозволената граница изминативе денови беше во Центар, Бутел, Тетово, Гостивар и Кавадарци.

Борис Грујоски