Го изгубија чедото, ама останаа хумани: Дел од парите собрани за Кико, Коцеви ги донираат за младиот Стефан

Половина милион денари, дел од парите што ги собраа граѓаните за лекување на Кико – кој за жал ја загуби битката, неговите родители ги донираа за лекување на младиот Стефан. На социјалните мрежи се објавени и трансакциските сметки со кои е направен трансферот на пари и се потврдува хуманоста на родителите на Кристијан Коцев.

Ќе успее ли Стефан во битката е прашањето за чиј позитивен одговор се надева јавноста, која повторно се мобилизираше во хумани цели. На Стефан му се потребни над 585 илјади денари за посебен распиратор за дишење. Со донацијата од семејството на Кико, останува да се соберат уште околу 85 илјади денари, односно, околу 1400 евра.

Хуманите граѓани кои сакаат да помогнат за неговото лекување, тоа може да го сторат преку броевите 143-468 за корисниците на А1 и 143-140 за корисниците на телеком. Отворена е и транскациската сметка 2 0 0 0 0 168 672 0 673 на стопанска банка, како и девизна сметка за донации од странство.

За Кристијан државата не помогна ниту со денар. Се правдаа дека семејството на Кико не побарале од Фондот пари за лекување. Затоа, граѓаните успеаја за само неколку дена да соберат 50.000 евра, што влеа надеж кај Кико и семејството дека ќе успее да отпатува во странство и да се спаси. За жал, ретката дијагноза секојдневно ја влошуваше неговата здравствена состојба и тој ја изгуби битката со болеста.

Дека државата често ги заборава пацинетите со ретки болести кажува и тоа што во изминатите неколку години починаа неколкумина луѓе со ретки дијагнози.

Благојче Илиевски, кој речиси две години добиваше уверувања оти ќе го добие лекот за цистична фиброза – Трикафта, не дочека. Јана Арсовска со редок тип на рак, не издржа чекајќи на ФЗОМ да и одобри парични средства за лекување во странство. Како и Тамара од Велес, девојчето кое имаше искривен ‘рбет и почина чекајќи државата да и одобри операција во странска болница.

Во Македонија во моментов има околу 2.000 пациенти со ретки болести со безмалку 300 различни дијагнози. Секоја година бројот на новодијагностицирани се зголемува, од кои најголем процент се деца.

Никола Цветкоски

Advertisements