Голем пожар во Нотр Дам – се урна покривот и главната купола

800 годишна историја исчезнува во Париз, гори славната катедрала Нотр Дам. Според зборовите на портпаролот на катедралата, Андре Фино, горела целата структура и од неа немало да остане ништо.

На Твитер се огласи францускиот претседател Емануел Макрон кој кажа дека е многу емотивно за целата нација да ја гледа катедралата Нотр Дам зафатена од огнени јазици, кои ја уриваат нејзината кула.

-Како и сите мои сонародници, несреќен сум што гледам како дел од секој од нас изгоре вечерва, напиша Макрон.

Градоначалничката на Париз, Ан Идалго, на Твитер напиша дека противпожарните бригади се обидуваат да го стават огнот под контрола.

-Ужасен пожар е во тек во катедралата Нотр Дам во Париз. Пожарникарите се обидуваат да го стават под контрола огнот. На локално ниво сме мобилизирани и во постојан контакт со црковните власти. Барам сите да го почитуваат безбедносниот периметар, напиша Идалго.

Луѓето со жалење пишуваат и на социјалните мрежи.

-Огнот доаѓа преку витражните прозорци. Речиси илјада години историја заминува во пламен. Целосно ми е скршено срцето, пишува во еден твит.

Засега не е позната причината за пожарот, но се претпоставуа дека е можно да е поврзано со реновинарањето на катедралата. Пожарот се случува една недела пред католичкиот Велигден.

Матеја Петровски