Голема трагедија во скопска Пинтија – домашно куче искаса до смрт осумгодишно дете
Желбата да си игра со кучето на соседите заврши трагично за осумгодишникот од скопска Пинтија. Детето било искасано на главата и врата, по што искрварило до смрт. Лекарите од Градската општа болница безуспешно се обидувале да му го спасат животот. Уште на приемот во болницата не покажувало знаци на живот.
- „Во Клиниката пристигнале со приватно возило, но веќе било предоцна. Момчето има големи и длабоки рани како резултат на гризање во пределот таму било изгризано, заради што и веднаш исрварило. Тимот лекари се обиделе да го реанимираат, но за жал детето, како што реков било мртво уште пред да стигнат во болница“, посочува д-р Арсенков за Фактор.
Трагедијата се случила во момент кога сопствениците на кучето не биле дома. Детето кое живеело во соседната куќа, се прекачило преку оградата, влегло во дворот на соседите каде што било нападнато од кучето, од расата бул мастив.
- „Јавен обвинител изврши увид на самото место. Издадена е наредба за обдукција и се преземаат дејствија за испитување на целиот настан“ вели Тони Ангеловски, портпарол на МВР.
Во дворот во куќата имало две кучиња, а двете фамилии биле во добри односи. Од она што е познато, ова не било прв пат детето да си игра со кучето.
- „Од направениот увид утврдено е дека во немилиот настан учествувале две кучиња кои имаат сопственик. Кучињата се уредно идентификувани со микрочип и тие сега се изолирани и ставени под надзор на официјален ветеринар. Дворот во кој се чуваат кучињата е соодветно заграден и на влезот е поставен предупредувачки знак ,,Пази куче“, – вели директорот на АХВ Николче Бабовски.
Увид на самото место извршил и јавен обвинител, а телото на починатото дете е предадено за обдукција. Од обвинителството засега само информираат дека се преземаат дејствија за испитување на целиот настан и нема информации дали ќе има некаква одговорност за инцидентот. сопственикот на кучето синоќа бил повикан на разговор во полиција. Од друга страна, правниците велат дека Кривичниот законик не предвидува вакво гонење за сопственикот и овој дел е регулиран во законот за заштита и благосостојба на животните во кој има прекршочни одредби.
Викторија Миткова