Голема меѓународна криза во најава – Венецуела пред граѓанска војна

Народ на улиците, крвави демонстрации, двајца претседатели и страв од граѓанска војна. Венецуела, земјата со најголеми резерви на нафта во светот се наоѓа пред колапс откако претседателот на Собранието Хуан Гуаидо се самопрогласи за шеф на државата, тврдејќи дека Николас Мадуро нема легитимитет за понатаму да владее. САД, Канада, повеќе јужноамерикански, но и посрамежливо некои европски земји побрзаа да му дадат поддршка на Гуаидо, додека Русија и Турција порачаа дека за нив единствен легитимен претседател останува Мадуро. Американскиот потпретседател Мајк Пенс во јавно обраќање до народот на Венецуела изјави дека САД ја поздравуваат одлуката на Гуаидо и дека Мадуро веќе нема право да биде претседател.

-САД ја поддржуваат храбрата одлука на Гуаидо да го заштити уставот. Николас Мадуро е диктатор кој повеќе нема легитимитет да владее со Венецуела – изјави во видео обраќање американскиот потпретседател Мајк Пенс.

Мадуро пак ги обвини САД дека се обиделе да извршат државен удар во Венецуела, објави дека ги прекинува дипломатските односи со Вашингтон и им нареди на американските дипломати да ја напуштат Венецуела.

-Американскиот потпретседател ги прекрши сите дипломатски правила. Донесов одлука за прекинување на сите дипломатски односи со Соединетите Американски Држави – изјави претседателот на венецуела Николас Мадуро.

Американскиот претседател Трамп се закани дека против Мадуро сите опции остануваат во игра, на што рускиот заменик министер за надворешни работи Серегј Рјабков одговори со препорака САД во никој случај да не помислуваат воено да интервенираат во внатрешните работи на оваа јужноамериканска држава.

Мадуро и натаму ја има поддршката на армијата на Венецуела, но граѓаните под притисок на големата економска криза се страшно поделени, што лесно може да резултира во хаос со незамисливи пропорции. Токму затоа генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш ги повика венецуелските политички сили за дијалог, со цел да се избегне катастрофа не само во земјата туку и во цела Јужна Америка.

Драган Милосављевиќ