Годишно обраќање на Џо Бајден во Претставничкиот дом
„Приказната за Америка е приказна за напредок и издржливост. Секогаш да одиш напред. Никогаш да не се откажуваш. Приказна која е единствена во светот. Ние сме единствената земја што од секоја криза излегуваме посилни отколку кога влеговме во неа“, рече Бајден.
Бајден ја истакна и важноста на заедничката работа во Конгресот меѓу демократите и републиканците.
Во емотивниот говор на Бајден посебно внимание беше посветено, на како што вели тој „да се врати душата на нацијата. Да се обнови столбот на Америка“ а тоа е средната класа на Американците.
„Со децении, средната класа беше издлабена. Премногу добро платени работни места во производството се преселија во странство. Затворени се фабриките дома. Некогаш просперитетните градови и населби станаа сенки на она што беа порано. А попатно се изгуби уште нешто. Гордост. Тоа чувство на самопочит“, рече Бајден.
Тој исто така зборуваше и за инфлацијата која стана и глобален проблем поради пандемијата што ги наруши синџирите на снабдување и војната на Путин што го наруши снабдувањето со енергија и храна.
Но, за да ја одржиме најсилната економија во светот, ни треба и најдобрата инфраструктура во светот. Некогаш бевме број 1 во светот по инфраструктура, а потоа паднавме на 13-тото место, рече тој. Со двопартискиот Закон за инфраструктура,Бајден очекува и овој проблем да биде надминат. Тој најави и нови стандарди, нешто што повеќе наликуваше на говор од поранешниот претседател Доналд Трамп.
„Вечерва, исто така, објавувам нови стандарди кои бараат сите градежни материјали што се користат во федералните инфраструктурни проекти да бидат направени во Америка. Дрвена граѓа, стакло, гипсани ѕидови, кабли со оптички влакна од американско производство. Американските патишта, американските мостови и американските автопати ќе се прават со американски производи“, рече тој.
Тој исто така најави и намалувањето на трошоците за лекови на рецепт а со тоа ќе се намалел и федералниот дефицит, како што рече тој. Со остар тон се закана и до големите коoрпорации кои затајуваат данок.
Бајден исто така најави и дека следниот месец ќе го престави и својот фискален план, и ги замолуви републиканците да го понудат и својот план за да можат заедно да направат уште подобар. Во неговиот говор беа спомнати миза работи кои ќе го направат животот на просечниот Американец уште подобар.
Поранешниот претседателот Доналд Трамп неколку минути пред говорот на Бајден објави видео во кое ги обвини Бајден и демократите за ситуацијата со границата меѓу САД и Мексико како и високата инфлација.
Гувернерката на Арканзас, Сара Хакаби Сандерс, поранешната прес-секретарка во Белата куќа на претседателот Доналд Трамп, го обвини Бајден дека се фокусирал на „разбудените фантазии“. Таа рече дека администрацијата на Бајден изгледа повеќе заинтересирана за разбудените фантазии отколку за тешката реалност со која Американците се соочуваат секој ден. Таа го обвини Бајден дека тој се залагал за контрола на владата во САД, додека младите републиканци сакаат слобода.
„Со 40 години, сум најмладата гувернерка во државата. На 80 години, тој е најстариот претседател во американската историја“, рече Сандерс.
Според новата анкета на Вашингтон пост и телевизиската мрежа Еј-Би-Си, 62 отсто од Американците сметаат дека Бајден не постигнал „многу“ или постигнал „многу малку“ во текот на неговиот двегодишен мандат.
ЈОВАНЧО НАУМОСКИ, Глас на Америка – Вашингтон